Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2020 година

декември 31, 2020

Здравствената криза од глобални размери во 2020 година го доведе светот во состојба на неизвесност и страв, со бројни социјални и економски последици. Мерките за заштита на јавното здравје и напорите за спречување на ширењето на коронавирусот, неизбежно добија примат врз правата и слободите на граѓаните. Прогласувањето карантини и полициски часови значеше и директно задирање во основните човекови права, како што е слободното движење. Сепак, со оглед на брзината со која завладеа пандемијата со вирусот Sars Cov 19 и бројните непознаници поврзани со неговата природа, овие ограничувања беа широко прифатени како „нужно зло“. Допрва следат потемелни анализи за ефектите од глобалната криза врз состојбата со човековите права, имајќи ги предвид длабоките импликации од кризата врз политичките и економските констелации во и помеѓу државите. Но, останува заклучокот, кој се наметна уште во првите месеци од кризата –  дека

посиромашните и маргинализираните луѓе беа и сѐ уште се несразмерно попогодени од кризната состојба.

Ова го покажува и рекордниот број барања за бесплатна правна помош доставени до Хелсиншкиот комитет во текот на пандемиската 2020.

Грубите прекршувања на работничките права започнаа веднаш по прогласувањето на вонредната состојба, а некои компании пристапија кон откази за вработените уште пред реално да се почувствуваат последиците од кризата. Најголемиот број случаи пријавени во Комитетот се однесуваа на откажување на договорите за вработување, принудно ,,спогодбено’’ раскинување на работниот однос, и намалување и неисплаќање на плата. Често се прекршуваа и владините мерки за превенција и заштита од коронавирусот, а текстилните работнички беа меѓу најизложените на здравствен ризик поради несоодветните услови за работа и превоз до работното место.

Во кризата не изостана ни профитерството на приватните здравствени установи, но и други форми на злоупотреби на кризната ситуација. Случаи со незаконско профитирање од буџетската помош беа забележани при спроведувањето на антикризните пакет-мерки на Владата на РСМ, и покрај бројните апели дека целта на државната финансиска поддршка треба да биде зачувувањето на работните места.

Што се однесува на измените во трудовото законодавство, иако новиот Закон за работните односи почна да се изготвува уште во првата половина на 2018 година, тој не влезе во собраниска процедура ниту во 2020 година. Во декември, новиот текст на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство повторно влезе во собраниска процедура, но не беше изгласан до крајот на годината. Но, конечно беше усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминација, по макотрпен процес и бројни препреки, што најмногу се одрази врз оние кои треба да бидат заштитени со прописите. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како заштитен механизам, на граѓаните им беше недостапна од август 2019 и во текот на целата 2020 година, со што се намали ефективната заштита од дискриминација.

Хелсиншкиот комитет и во текот на 2020 продолжи да ги следи реформите и работењето на правосудството како активна членка на Блупринт-групата. Во однос на целокупните постапки за носење нови законски решенија, процесот на донесување на дел од законите беше оценет како транспарентен и инклузивен, што придонесува за зголемување на довербата на граѓаните во правосудните институции, но, кај дел од законите, постапката и процесот на донесување на новите законски решенија не беа позитивно оценети. Кај најголем дел од законите, чие донесување е предвидено со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 ‒ 2022) кои беа усвоени и стапија на сила во изминатиот период, спроведувањето на законските решенија во пракса е оценето како коректно и навремено. Министерството за правда презеде и значајни активности во насока на промоција на Законот за бесплатна правна помош и за зголемување на информираноста на граѓаните. Сепак, има забелешки во процесот на имплементација на Законот за Јавното обвинителство,

Законот за управни спорови, Закон за Судски совет на РСМ, како и делови од Законот за бесплатната правна помош.

На 25 март 2020 година, Советот на Европската Унија, врз основа на препораките на Европската комисија, безусловно донесе политичка одлука за отпочнување преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Истовремено, Европската комисија се задолжи во најкраток можен временски период да ја подготви преговарачката рамка согласно со новата методологија за преговори. Со тоа уште еднаш се потврди важноста на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права како клучен основ во напредокот на преговорите, како и неговото влијание врз севкупниот процес на пристапување. Оттаму, мониторингот на граѓанските организации на напредокот во Поглавјето 23 е од суштинско значење. Имајќи го ова предвид и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет упати апел за почитување на човековите права преку навремено и транспарентно информирање на јавноста со точни информации со цел зголемен јавен надзор врз извршните власти за време на вонредната состојба.

И покрај заложбите на германското претседателство и интензивните преговори помеѓу делегациите од Република Северна Македонија и Република Бугарија, на 16 ноември Советот на Европската Унија не постигна едногласност за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција во декември. Иако Бугарија инсистираше на вклучување на нејзините барања во преговарачката рамка, сепак, останатите земји членки едногласно го отфрлија ова барање. Европската Унија, претставена од германското претседателство, потенцираше дека билатералните прашања треба да се чуваат надвор од преговарачката рамка.

На политички план, исто така, доминираше дискусијата околу одржувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Прелиминарните наоди на ОБСЕ/ОДИХР преку нивната набљудувачка мисија нотираа дека предвремените парламентарни избори генерално беа спроведени ефективно и покрај приспособувањата како одговор на пандемијата, но и дека правната стабилност беше нарушена со суштински ревизии на Изборниот законик и последователна ad hoc регулатива донесена за време на вонредната состојба. Кампањата, иако со негативен тон, беше вистински конкурентна и учесниците беа во можност да ги пренесат своите пораки и покрај ограничувањата на вообичаената комуникација.

Во година кога доминираа негативните трендови во многу области на човековото живеење, бележиме два позитивни резултати во меѓународното застапување ‒ пресудата за малиот Леон, чиј случај постави преседан поради самото прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд за човекови права. Вториот успех е претставката, која минатата година ја поднесе Хелсиншкиот комитет до CEDAW-комитетот1, кој потоа утврди неправда и даде препораки за државата за структурни промени и искоренување на штетните практики во пристапот до гинеколошки услуги на Ромките. Повеќекратната системска дискриминација на Ромите во Северна Македонија во 2020 година се манифестираше и преку случаите на полициска бруталност врз припадници на оваа заедница, како и немањето пристап до чиста вода, санитетски материјали и здравствена заштита во услови на пандемија.

Затворањето на дневните центри за поддршка, неприспособеното учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од предизвиците со кои се соочија лицата со попреченост. Единствено, олеснителна околност за нив беше изземањето од одлуките со кои се спречува движењето, како и владините одлуки за редуцирање на административните процедури.

Управата за извршување на санкции генерално добро се справи со пандемијата предизвикана од Sars Cov 19 Во летото, во период на олабавени рестриктивни мерки, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници спроведоа теренски посети за набљудување на состојбата во сите казнено-поправни установи и воспитно-поправната установа. Покрај редовните предизвици со кои се соочуваат овие установи, тимовите ја документираа и состојбата со здравствената заштита и правата на осудените лица кои треба да ги уживаат и за време на пандемијата.

Низата рестриктивни мерки кои го опфатија целото население, меѓу кои препораките за самоизолација, сериозно го зголемија ризикот од насилничко однесување во домот. На овие предуслови за семејно насилство се надоврзува и стресот предизвикан од неизвесната егзистенција и отежнатото секојдневно функционирање на луѓето. Домот не е безбеден за многу жени, но и за многу ЛГБТИ-лица, кои беа присилени да живеат во хомофобично и насилно опкружување поради ограниченото движење. Од опасностите што ги носи загрозеното ментално здравје, па сè до хетеронормативноста на одредени мерки за превенција од вирусот, ова беше несомнено тешка година и за ЛГБТИ-заедницата.

Стресот од загрозена егзистенција, затворањето на градинките, училиштата и други установи и јавни објекти, неизвесната иднина, силно се одрази врз физичкото и менталното здравје на граѓаните и ги измести колективните динамики во општеството. Сето ова се одрази и во јавната комуникација, со засилен негативен

набој, особено на социјалните мрежи. Во 2020 година, регистриравме зголемување на пријавите за говор на омраза за 130 % споредено со претходната година. Сѐ уште најмногу се мрази на етничка основа, а следат политичката припадност и сексуалната ориентација. Кризата, за жал, наметна и нов основ за говор на омраза

  • здравствената состојба. Во однос на нашите пријави за говор на омраза, и понатаму изостанува неопходниот одговор од надлежните институции, особено од Јавното обвинителство. Таквиот недозволив однос на обвинителските органи беше забележан и во случајот Јавна соба, кој се разоткри во првите месеци од 2020 година, а по кој Обвинителството не постапи до крајот на годината. Неказнивоста ја остави отворена можноста за повторување на вакви случаи на злоупотреба и сексуалното вознемирување на жени и девојки.

Вкоренетите социјални сегрегации во општествата се манифестираа уште на самиот почеток од справувањето со пандемијата. Не само класните туку и родовите, сексуалните, дури и поделбите по возраст. А затајувањето на механизмите на меѓународна солидарност при распределбата на вакцините, кое се почувствува при крајот на годината, го наговести неизвесниот понатамошен тек на борбата со глобалната опасност и продлабочувањето на јазот помеѓу моќните и немоќните и на светско ниво. 2021 несомнено ќе биде година на продолжена борба со коронавирусот. Останува само да се надеваме дека ќе донесе и закрепнување на луѓето и заедниците, но и преобмислување на приоритетите на човештвото.