Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2017 година
мај 9, 2018
Изминатата година ја обележаа клучни моменти, кои го зајакнуваат нашето општество, но во исто време се и ризик за демократијата, владеењето на правото и исполнување на човековите права. Како никогаш досега беа нападнати граѓанските здруженија кои набљудуваат, истражуваат и известуваат за злоупотребите и прекршувањата на човековите права и слободи, практикувањето на власта и функционирањето на правниот систем. За среќа овој обид за затворање на просторот за дејствување на граѓанските организации не вроди со посакуваните резултати за нарачателите, и покрај тоа што граѓанските организации кои беа критички настроени кон претходната власт беа подложени на финансиски контроли како од страна на Управата за јавни приходи, така и од страна на финансиската полиција по барање на Јавното обвинителство. Контролите се изведуваа во континуитет сè до јуни 2017 година и сèуште ги очекуваме конечните резултати од истрагите.
Извештајот ги опфаќа случувањата непосредно после парламентарните избори кои се одржаа во декемрви 2016 година, после долг период на политичка криза во која човековите права беа брутално прекршени. Воедного обележува и долготрајниот процес на промена кој започна по изборите и промената на власта. Извештајот ги отсликува состојбите со човековите права во земјата, преземените мерки во насока на нивна заштита, но дава и приказ на тоа како државата постапувала во областите кои се во стратешкиот фокус на Комитетот, како од аспект на сервис за граѓаните, така и од аспект на законодавство и политики.
Извештајот ги разработува областите во кои граѓаните ги остваруваат своите граѓански и политички права, социјалните и економските права,затворените институции и полициското постапување, правата на ранливите групи, лицата со попречености, Ромите и ЛГБТИ заедницата.Во извештајот како посебни делови се третирани феномените кои во најголем дел се причинители на повредите на човековите права – дискриминацијата, говорот на омраза и делата од омраза.
Со оглед дека во извештајниот период се случи можеби најтешкиот акт на насилство при предавање на власт во историјата на независна Македонија, насилен упад во највисокиот законодавен дом и физичко насилство врз пратениците од новото мнозинство на 27ми април, посебен дел од извештајот се фокусира на овие настани, за што Комитетот достави специјален извештај до Основното Јавно Обвинителство, каде се констатираат 28 кривични дела.
По формирањето на новата Влада на Република Македонија, започна процесот на реформи кој генерално може да се оцени како инклузивен поради вклученоста на граѓанските организации како во изготвувањето на планот 3-6-9 и имплементација на предлозите во Блупринт документот за итни демократски реформи, така и во работните групи кои се формираа во релевантните министерства. Во извештајот се дава осврт на процесот на реформи и нивното спроведување со соодветни препораки за надминување на слабостите во системот.
Покрај утврдените повреди на човековите права и заклучоците за несоодветни политики и пракси во постапувањето на државната администрација и правосудните органи, Комитетот во извештајот дава свои препораки за надминување на состојбите во сите области во кои остварувањето и почитувањето на човековите права може да биде унапредено.