јуни 20, 2022

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2021 година

Втората пандемиска година ја одбележаа бројни социо-економски предизвици, кои неизбежно се одразија и на полето на човековите права и во поглед на продлабочувањето на јазот помеѓу сиромашните и богатите. Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрира опаѓање на бројот на барања за правна помош во врска со работните односи, споредено со претходната година,но останува фактот дека десетици илјади работници не добија плата или им беше исплатен износ под минималниот бидејќи огромен број работодавачи ја злоупотребија државната помош. Работниците и поранливите групи во општеството беа дополнително погодени од неоправданото доцнење на кризните пакети поради собраниски блокади. Работодавачите ги занемаруваа прописите за заштита и безбедност при работа, што особено негативно се одрази кај текстилните работнички и работници. Иако изминаа три години од формирањето на работната група, нов Закон за работните односи не беше донесен ни во 2021 година.

Функционирањето во состојба на криза ги нагласи вкоренетите системски проблеми. Комитетот забележа пораст на бројот на лица кои се обратија до Комитетот во врска со семејните односи, родово базираното насилство и заштитата на деца, при што се регистрирани повторувачки административни пречки во остварувањето на одредени права, непостапување на центрите за социјална работа и пропусти на органите за прогон. Системската негрижа за најранливите граѓани се потврди и со малиот буџет наменет за новоформираната Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која од старт се соочи со бројни логистички и финансиски предизвици. Како нова можност предвидена со Законот за спречување и заштита од дискриминација, во 2021 година Хелсиншкиот комитет за првпат поднесе две тужби од јавен интерес (actiopopularis) –првата поради оневозможен пристап на лица со попреченост до избирачко место, а втората поради сегрегација врз во образовниот процес на деца од ромската етничка заедница, која и понатаму е најподложна на дискриминација, расно профилирање и општествена маргинализација.

Во годината кога се одбележуваше десетгодишнината од ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Хелсиншкиот комитет за човекови права спроведе истражување, со кое се потврди маргинализираната положба во која се наоѓаат лицата со попреченост и лицата што се грижат за нив, а тоа особено беше изразено за време на пандемијата. Тие не беа вклучени во процесот на изготвување на мерките, а невоспоставувањето на регистар за евиденција на лица со попреченост дополнително спречува да се изготват соодветни мерки за оваа ранлива група.

Кризата беше еден вид оправдување за неисполнување и на други обврски преземени со ратификација на меѓународни договори. Иако легислативното усогласување со Истанбулската конвенција е основа без која системските промени се невозможни, најавените измени на Кривичниот законикне се реализираа. Исто така, и покрај пресудата на Европскиот суд за човекови права, во 2021 изостана правното признавање на родот со соодветниот закон.

Поразителна беше иодлуката на обвинителството по цели седум години да не покрене кривична постапка за нападот во Дамар на годишнината на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Без никаква разрешница или одговор од обвинителството и понатаму остануваат четири други напади мотивирани од предрасуди и нетрпеливост кон ЛГБТИ заедницата. Се чини дека оваа институција ја игнорира тежината на делата кои се квалификуваат како криминал од омраза, а уште помалку е активна во справување со говорот на омраза, кој е во директна корелација со физичкото насилство. Во однос на говорот на омраза, етничката припадност, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и политичката припадност и понатаму се најчестите основи за говор на омраза на социјалните медиуми, каде што е и најмногу застапен, со особен раст на платформата ТикТок. Непостапувањето на ОЈО и МВР беше главната причина и за серијата протести во врска со случајот „Јавна соба“, каде жртви беа голем број девојки и жени.

Хелсиншкиот комитет во 2021 година продолжи со мониторинг на казнено-поправните установи и полициските станици. Покрај залагањата на државата во последниот период да ги елиминира тортурата и нехуманото постапување од страна на полициските службеници и припадниците на затворската полиција, сепак државата се соочува со бројни предизвици на ова поле. Лошите просторни и материјални услови, недостигот на здравствена заштита и прекинот на образовниот процес за штитеници во воспитно-поправните домови, повторно се провлекуваат како најпроблематични точки во оваа област.

Годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет содржи и издвоени конкретни случаи од праксата, кои јасно ги илустрираат системските аномалии и нивниот ефект врз правата на граѓаните. Поаѓајќи од основната премиса дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат своите основни права и слободи, очекуваме дека надлежните институции, но и општата јавност, ќе ги земат предвид наодите и препораките содржани во извештајот

 

Документи