јуни 15, 2020

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2019 година

Во годината кога Хелсиншкиот комитет за човекови права одбележа јубилејни 25 години од основањето, еден од најсветлите настани што би ги издвоиле е успешното одржување на првата Парада на гордоста, како голем чекор напред во борбата за еднаков третман на
ЛГБТИ луѓето во нашето општество. Оваа заедница, но и другите маргинализирани групи и граѓани, во 2019 добија и нов Закон за заштита и превенција од дискриминација, иако на усвојувањето му претходеше срамен процес на одолговлекување и саботирање од страна на одредени политички субјекти, и од власта и од опозицијата. Пролонгирањето на новите мерки за законска заштита продолжи и потоа, со неуспехот да се формира новата Комисија за заштита од дискриминација.

Во меѓувреме, продолжи системската дискриминација врз Ромите во речиси сите општествени сфери и тие сè уште се соочуваат со тешкотии во остварувањето на правата. Во однос, пак, на лицата со попреченост, се воведе нов модел на функционална проценка на деца со попреченост. Позитивните чекори што државата ги презеде за вклучување на овие деца во редовното образование, во пракса наидоа на проблем поради недостиг на образовни и лични асистенти. Поуспешно се реализираа заложбите за спроведување на деинституционализацијата – со префрлање на сите деца од големи институции во мали групни домови и згрижувачки семејства.

И покрај позитивните придвижувања во одредени области, се интензивираа негативните феномени како што е говорот на омраза, кој кулминираше за време на поларизирачки вести и настани. Како основи предничат етничката припадност, сексуалната ориентација и политичкото убедување. Во пораст се и делата од омраза што ги регистрира Комитетот, но институциите и натаму потфрлаат да ги третираат како такви, игнорирајќи ги елементите на пристрасност.

Хелсиншкиот комитет, како дел од Блупринт групата за следење на реформите во правосудството, беше активен чинител во реформските процеси, иако за едно од најзначајните прашања – решавањето на статусот на СЈО, нашите предлози не беа вклучени во ниту една од верзиите на предлог-законот. Состојбата ескалира со апсењето на специјалната обвинителка Јанева во август 2019 година, со што СЈО престана да постои, а надлежностите ги презеде редовното обвинителство. Во меѓувреме застарија некои од предметите покренати од СЈО.

Оценката на Европската комисија во својот извештај за 2019 година е дека државата покажа континуирана заложба за подобрувањето на правосудниот систем и спроведувањето на новата правна рамка е цврста основа за постојан напредок, но дека сите правосудни институции треба со дополнителни напори да придонесат во враќањето на довербата на 7 јавноста во правосудството. Сепак, во однос на реформскиот процес демотивирачки делуваше октомвриската одлука на Европскиот совет да му се наврати на прашањето за проширување во мај 2020, по што во земјава беше донесена одлука да се распишат предвремени парламентарни избори.

Што се однесува до работничките права, двојно поголемиот број случаи што ги забележавме и значително поголемиот опфат на работници во 2019 година се должат на активното дејствување на Комитетот за подигнување на свеста на работниците и нивно информирање за остварување и заштита на своите права. Како голем проблем останува недоволната ажурност на Државниот инспекторат за труд, кој сè уште не ги применува
препораките на Комитетот базирани врз редовното набљудување на неговата работа поради што работниците немаат соодветна институционална заштита во однос на прекршувањето на нивните права, а нема напредок ниту во безбедноста и здравјето при работа. Комитетот, како дел од работната група за изработка на новиот Закон за работни односи, успеа да ги адресира предлозите и идеите на текстилните работнички – со тоа тие за првпат беа застапувани при носење политики и закони.

Продолжи и борбата за родова еднаквост. Во мај беше усвоен Законот за прекин на бременоста, со кој се отстрани проблемот предизвикан од претходниот закон што значително го отежна пристапот до абортус. Оваа година беше формирана работна група за изготвување на нов Закон за еднакви можности на жените и мажите. Беа направени значајни достигнувања во однос на исполнувањето на поставените цели и активности од
Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023 (НАП), особено со основањето на трите центри за упатување жртви на сексуално насилство.

Сепак, еден од клучните акти, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поради закажувањето на предвремените парламентарни избори, не беше ставен на гласање во Собранието. Како една од најпроблематичните точки, а врз основа на лични сведоштва на жртвите, Комитетот утврди висок степен на несензибилизираност на службениците од ЦСР и МВР, судии, обвинители итн., чиј однос
дополнително придонесува за двојна виктимизација на жртвите. Во однос, пак, на меѓународното застапување, Хелсиншкиот комитет годинава поднесе претставка до Комитетот CEDAW, којашто претставува прва комуникација од Република Северна Македонија доставена до CEDAW. Исто така, годината ја одбележа и засилен дигитален активизам преку првата феминистичка платформа на македонски јазик, Медуза, особено
преку кампањата #ЗоштоНеПријавив, чија цел беше да го прекине молкот за сексуалното насилство.

И, конечно, по повеќегодишните укажувања за недостатоците во Законот за бесплатна правна помош, во 2019 година беше усвоен нов закон, кој вклучува поширок опсег на граѓани што ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош. Хелсиншкиот комитет системски го мониторира процесот на примената на новиот Закон и една од главните забелешки е неопходноста од стручно оспособување на сите даватели на услуги што придонесуваат кон остварување на правата на граѓаните.

Документи