септември 4, 2023

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2022 година

Почетокот на 2022 година во светски рамки го одбележа започнувањето на воената инвазија на Русија врз Украина што резултираше со бројни човечки жртви и продолжување на неизвесноста и стравот од времето на пандемијата. Над половина милион деца станаа бегалци, а постојано се зголемува и бројот на раселени луѓе и бегалци. Војната во Украина предизвика економска и енергетска криза, уште поголем јаз помеѓу богатите и сиромашните, како и други социо – економски последици чиишто жртви повторно се најранливите групи граѓани.

Во текот на 2022 година, Хелсиншкиот комитет регистрира мало опаѓање на бројот на барања за правна помош во врска со работните односи, споредено со претходната година, но доминираа барањата за правна помош поврзани со имотно-правните прашања, семејното насилство и семејните односи и заштитата на човековите права. Во областа на работничките права, еден од еклатантните примери е случајот кога постапувајќи по претставка поднесена во име на работничка од Скопје, која се обрати за правна помош до Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд изврши вонреден инспекциски надзор кај нејзиниот работодавач и утврди дека за периодот додека била вработена, таа не само што не примила целосен износ на платата, туку ѝ биле исплаќани и суми од еден, два или десет денари.

И покрај барањата на синдикатите и протестите на вработените во различни сектори, иако новиот Закон за работните односи почна да се изготвува уште во 2018 година, нов закон од оваа област не беше донесен ниту во 2022 година.

Имајќи ја предвид разнишаната доверба на граѓаните во судството, Хелсиншкиот комитет вршеше мониторинг на судски постапки на барање на граѓани или на постапки од поширок општествен интерес.

Иако случаите со прекршување на здравствените права се континуирано присутни во нашето секојдневие, ковид-пандемијата извади на виделина длабоки системски аномалии што предизвикуваат тешки последици по здравјето и животот на луѓето и овозможуваат огромен профит за поединци на грбот на пациентите и нивните семејства. Хелсиншкиот комитет заедно со Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ), Македонското здружение на млади правници и Клубот на млади лекари изработи „Извештај за лекувањето на граѓаните во приватните и јавните здравствени установи по повикот за правна помош од страна на граѓанските организации“.

Кога станува збор за родово базираното насилство, иако е дефинирано со закон од 2021 година, повеќето релевантни институции сè уште не го признаваат како форма на насилство, туку само семејното насилство. Ова е очигледно од извештаите на граѓанските организации, главно при обезбедувањето бесплатна правна помош и/или следењето на судските случаи на родово засновано насилство. Благата казнена политика, неефикасноста на судството и пролонгирањето на судските постапки во случаите на насилство, го отежнува и ограничува пристапот до правда на жртвите што дополнително негативно влијае и на пријавувањето на родово

базирано насилство. Во 2022 година, слоганот „Сиромаштијата има женско лице“, беше потсетување дека жените сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од животот, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот и дека повеќе се подложни на ударот на сиромаштијата.

Во случаите кои укажуваат на недоволна свест за човековите права на различните и недостигот на емпатија, најеклатантен пример беше петицијата на родители против дете со Даунов синдром што претставува пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Тука спаѓаат и инцидентите и зголемениот говор на омраза насочени против припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои привремено престојуваа во Северна Македонија, што го покажува ниското ниво на толеранција кон различните и високиот степен на ксенофобија во општеството.

Во 2022 година, Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата. Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, во 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis).

Хелсиншкиот комитет во 2022 година продолжи со мониторинг на казнено-поправните установи. И покрај заложбите на државата, меѓународните и домашните организации да се подобрат условите во казнено-поправните и воспитно-поправната установа, системските недостатоци сè уште постојат. Пристапот до здравствена заштита, образование, соодветни материјални услови за живеење, програми за ресоцијализација и постпенална помош се сè уште незамисливи за лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а корупцијата и митото се дел од секојдневието на осудените лица.

Во социјалниот центар „Комитет“ се одбележа 10-годишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Како подружница на Хелсиншкиот комитет за човекови права, изминатата деценија Центарот стана препознатливо безбедно место за ЛГБТИ луѓето во земјава, кое овозможува правна и психосоцијална поддршка.

Сепак, говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето континуирано расте и изминатата година се регистрирани 36 случаи на говор од омраза врз основ на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет, што е 22% од вкупниот број на регистрирани случаи на говор од омраза.

Транссексуалната заедница останува една од најранливите и под ризик од дополнителна стигма, дискриминација и насилство. И изминатата година државата повторно не собра сили да ја спроведе одлуката на Судот за човекови права од Стразбур која се однесува на регулација на правното признавање на родот.

Сигурна куќа која им нуди засолниште за жртвите на семејно насилство и под ризик од бездомништво и во 2022 година забележа високи стапки на дела од омраза и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и/или родов идентитет. Бројот на индивидуални случаи кои биле згрижени во шелтер центарот Сигурна куќа, потврдува дека семејното и родово базираното насилство, односно насилството врз основ на сексуална ориентација и/или родов идентитет, е доминантниот облик на насилство.

Годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет за 2022 година содржи и издвоени конкретни случаи од праксата, кои јасно ги покажуваат вкоренетите системски проблеми и нивното влијание врз правата на граѓаните во нашата земја.

Врз основа на наодите коишто произлегуваат од работaта на Хелсиншкиот комитет констатираме дека не се направени значајни унапредувања  во законскиот и во институционалниот систем за заштита и промоција на човековите права.

 

 

Документи