јуни 1, 2017

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2016 година

Годишниот извештај за 2016 година претставува сублимат на анализи за констатираните состојби со човековите права во следните области:

  • Граѓански и политички права;
  • Правосудство;
  • Устав и законодавствo;
  • Затворени институции и малтретирање;
  • Дискриминација;
  • Економски и социјални права;
  • Говор на омраза;
  • Дела од омраза;
  • Родово базирано насилство и
  • Бегалската криза.

Во текот на 2016 година, имајќи го предвид интензитетот на политичката криза, се организираа голем број јавни собири, со цел да се изрази револтот од политиките на актуелната владејачка структура. Имено, поттикнати од своето уставно-загарантирано право на јавно собирање, граѓаните од различни причини, укажаа на систематското кршење на човековите права и слободи во речиси сите сегменти од општеството. Протестите кои започнаа во 2015 година се интензивираа оваа година како реакција на одлуката на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, за колективното помилување на 56 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки, а се членови и високи функционери или блиски соработници на најголемите политички партии во државата.

Во однос на правосудството, во извештајот се констатира недостаток на непристрасност и независност кај Судскиот совет, незаконски реизбор на претседател на Советот на јавните обвинители и неефикасна постапка за избор на кандидати за почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

На 15 септември 2015 година, Собранието со 111 гласа „ЗА“, го изгласа Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. На чело на оваа институција беше избрана обвинителката Катица Јанева од ОЈО Гевгелија, избор кој тогаш барем навидум ги задоволи сите страни на политичката сцена. Создавањето на оваа институција беше клучниот дел од Договорот од Пржино, главна шина по која треба да се излезе од политичката криза. Заклучно со месец март 2017 година, СЈО претстави 16 предмети. Што се однесува на Jавното обвинителство, во извештајот се оценува дека не ги штити правата и слободите на граѓаните

Уставниот суд во текот на 2016 година беше често критикуван од страна на стручната и општата јавност, а за неговата работа зачестено објавуваа и медиумите. Се отворија основани сомненија дека Судот наместо орган кој треба ја штити уставноста и законитоста се претвори во институција која е потчинета на законодавната и извршната власт и политичките партии. Со тоа сериозно е нарушена независноста, непристрасноста, компетентноста и легитимноста на Уставниот суд.

Во однос на системот за бесплатна правна помош, во извештајот се идентификувани правните проблеми и слабости на самиот закон за бесплатна правна помош, кои го ограничуваат правото на еднаков пристап до правда.

Според набљудувањето на состојбата на затворените институции, во 2016 година осудените лица што стапија во контакт со Хелсиншкиот комитет укажаа на високиот степен на корупција помеѓу затворските служби и затворениците, опстојува насилството од страна на затворските служби, а забележано е и расистичко однесување кон затворениците од Ромска етничка припадност. Хелсиншкиот комитет во текот на оваа година подготви и посебен извештај за состојбата во ЈУ Демир Капија, според кој состојбата на специјалната установа и штитениците згрижени во неа е повеќе од алармантна.

Хелсиншкиот комитет за човекови права активно ја следеше состојбата со дискриминацијата во Република Македонија во текот на 2016 година преку постапување во пријавените случаи на дискриминација и поведените постапки пред телата за еднаквост и судовите, како и преку мониторингот на медиумите и социјалните мрежи и мониторингот на судски постапки. Комитетот утврди дека најголемиот дел се однесуваа на дискриминација врз основа на етничка припадност, пол, политичка припадност, попреченост и религија.

Во текот на 2016 година во Хелсиншкиот комитет беа регистрирани голем број претставки за повреда на економските и социјалните права, што пред сè се должи на високиот процент на невработеност во земјата, осиромашувањето на населението и повредите на работничките, социјалните и здравствените права. Оваа година особено внимание се посвети на правата на лицата со попреченост, кои до Хелсиншкиот комитет доставија поголем број на претставки поради неможноста да ги остварат правата кои се законски утврдени за оваа категорија на лица. Во однос на правата на лицата со попреченост нема никаков напредок и овие лица секојдневно се соочуваат со потешкотии во секојдневниот живот. Особено важен проблем е и бездомништвото, за кој државата се уште нема решение. Уште еден проблем кој беше регистриран во текот на 2016 година, а кој е присутен повеќе години наназад, е проблемот со континуираното прекршување на работничките права и мобингот на работодавачите врз текстилните работнички

Во време на најдлабоката политичка и општествена криза во Република Македонија, во текот на 2016 година беше забележано ширење и промовирање говор на омраза во невидени размери. Истовремено продолжи игнорантниот однос и селективниот пристап на надлежните што придонесува за сериозно зголемување на говорот на омраза, преку неказнување на сторителите и неможноста за преземање на општествена одговорност за ширењето на овој негативен феномен. Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2016 година, Хелсиншкиот комитет регистрираше и 70 дела сторени од омраза.

Во текот на годината беа регистрирани уште пет нови случаи на фемицид. Ваквата состојба е особено загрижувачка доколку се земе предвид дека државата не обезбедува посебна заштита за сите форми на родово базирано насилство, ниту води посебна евиденција за случаите на фемицид. Овие услови се утврдени во Истанбулската конвенција, која е прв сеопфатен меѓународен документ за заштита на жените од насилство, на кој Република Македонија е потписник, но сè уште ја нема ратификувано.

Започнувајќи од 2014 година, бегалската криза која што го разбранува целиот свет, не го намали својот интензитет и во текот на 2015 и 2016 година. Република Македонија се најде длабоко засегната во текот на целата бегалска криза, како една од транзитните земји на таканаречената „Балканска рута“. Справувајќи со бегалската криза, паралелно со сопствената општествено политичка криза, Република Македонија, со поединечни акти или воспоставени пракси не успеа да го обезбеди почитувањето на основните човекови права и слободи на бегалците кои поминуваат низ територијата на државата.

Документи