ПОСТАПКИ ПРЕД ЕСЧП
Случај Е.А против Северна Македонија
Во 2018 година, Хелсиншкиот Комитет за човекови права изготви и поднесе апликација пред Европскиот Суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур за повреда на правата загарантирани со член 3 и член 14 во врска со член 3 од Европската Конвенција за човекови права.
Конкретно, се работи за случај каде дете на возраст од 8 години при медицинска интервенција било физички и вербално малтретирано од страна на медицински персонал во една болница во внатрешноста на Македонија. Иако случајот веднаш бил пријавен прво во полиција, а потоа и во надлежното обвинителство, обвинителството ја отфрлило кривичната пријава. Откако се исцрпени сите домашни правни средства, малолетниот апликант со правна помош од страна на Хелсиншкиот комитет и адвокат поднесе навремена апликација до ЕСЧП во Стразбур.
Специфично, повредата на членот 3 од ЕКЧП се состои во тоа што апликантот бил изложен на нечовечко и деградирачко постапување и казнување на начин што бил удиран по лицето и устата и навредуван од страна на службени медицински лица кои работат во јавно здравство, иако тоа е забрането во државата. Судот во својата пракса утврдил дека за да постои нехумано постапување, потребно е да постои минимум ниво на суровост за да ги опфати обележјата на членот 3 од Конвенцијата. Проценката за овој минимум, според природата на нештата е релативен и зависи од околностите во случајот, како што се должината на третманот, ефектите врз физичкото и менталното здравје, а во одредени случаи и полот, возраста, состојбата на здравјето на жртвата и слично.
Судот го смета постапувањето за нечовечко, ако било со умисла или евентуална умисла и/или ако траело и предизвикало вистинска телесна повреда или интензивно ментално страдање. Во конкретниот случај, постојат сите погоре наведени елементи во дејствијата на службените медицински лица, односно детето било „воспитно“ удирано и навредувано за да се смири. Персоналот, постапувал вака предводен од своите предрасуди за ромските деца како „невоспитани“, занемарувајќи дека всушност плачењето и отпорот на детето се должеле на интензивната болка која ја трпело поради самата скршеница. При тоа му биле нанесени дополнителни телесни повреди изразени во вид на подливи во пределот на лицето и крв во устата, кои согласно вештото лице субспецијалист по трауматологија, можат да настанат исклучиво со удар од тапо тврда сила, но не и со интервенцијата и со самоповредување од детска рака. Покрај вистинските телесни повреди, апликантот бил подложен на интензивно ментално страдање поради тепањето и навредите од медицинските службени лица. Постапувањето ќе се смета за деградирачко тогаш кога истото кај жртвите предизвикува чувство на страв, болка и инфериорност, понижувајќи ги и деморализирајќи ги, доведувајќи до евентуално кршење на физичкиот и моралниот отпор (Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 120, ECHR 2000-IV). Во конкретниот случај, исполнети се и елементите на деградирачко постапување кое го трпел апликантот од страна на медицинските службени лица кои изјавиле: „Тоа дете е невоспитано, треба повеќе да се тепа“ или изјавата: „Ќе те боли, ќе те боли, ќе се прашуваш уште ли“ кои кај него предизвикале чувство на страв, болка и инфериорност.
Дополнително, кон сето ова треба да се има предвид и возраста на апликантот кој во времето на настанот имал само 8 (осум) години и фактот дека детето повеќе часа трпело силна физичка болка поради скршеницата на раката. Во целиот овој контекст, во дејствијата на службените медицински лица постои минимум ниво на суровост, поради што ваквото постапување на медицинските службени лица ги опфаќа обележјата на членот 3 од Конвенцијата (Hurtado v. Switzerland, 28 January 1994, opinion of the Commission, § 67, Series A no. 280-A, and Wieser v. Austria, no. 2293/03, § 36, 22 February 2007).
Повреда на членот 3 има и од процедурален аспект. Имено, државата има позитивна обврска да спроведе темелна и ефикасна истрага. Тоа подразбира преземање на сите разумни чекори што и стојат на располагање на државата за да се приберат докази, вклучително сведочења и форензички докази и при тоа мора да постојат сериозни обиди да се открие што се случило и точно да се идентификуваат сторителите и согласно законот да се казнат, а на жртвата да и се додели правичен надоместок (Јашар против Македонија; Џеладинов против Македонија). Органите на прогонот ( обвинителството) подариле верба само на исказите на осомничените, на другите медицински лица-сведоци кои учествувале во настанот и на вештиот наод, иако овие докази се контрадикторни едни на други и се побиваат меѓу себе. Од друга страна, обвинителството при одлучувањето воопшто не ги земало предвид исказите на мајката, жалителот, сведоците на жалителот, а посебно било игнорирано вештачењето од субспецијалистот кое во целост ги побило претходното вештачење и доказите врз основа на кои обвинителството ја темели својата одлука.
Конвенцијата забранува секаков облик на дискриминација по основ на етничка припадност. Од материјален аспект, малтретирањето на апликантот од страна на медицинските службени лица, произлегува од предрасудите и стереотипите кон Ромите и ромските деца, односно дека тие се невоспитани или лошо воспитани, дека не знаат да се однесуваат во одредени ситуации и дека немаат почит кон авторитети. Тоа произлегува од изјавата „Како толку лошо си го воспитала тоа дете, вака да ме рита (н.з. клоца), ме удри во стомакот, не сакам да лекувам таков пациент“ што ја изјавил првоосомничениот кој го удрил апликантот на тој начин казнувајќи го затоа што детето го удрило со ногата во стомакот, заклучувајќи дека тоа е резултат на лошото воспитување, а не дека е рефлексна реакција на болката на која бил изложен апликантот. Предрасудите и стереотипите се потврдуваат и од изјавата на медицинската сестра која рекла: „Тоа дете е навистина невоспитано и треба повеќе да се тепа за да му дојде памет“, како и од изјавата на второосомничениот кој откако вториот пат апликантот побарал помош од мајката викајќи дека го тепаат, изјавил: „Ја завршивме својата работа и нема што повеќе да се занимаваме со вас“.
Оваа апликацијата е прифатена како дозволена и се наоѓа во фаза на одлучување пред Европскиот суд.
Случај ПОА ( Православната Охридска Архиепископија (ПОА) односно Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија) против Северна Македонија
Апликација/пресуда бр. 3532/07
Апликантите од 2004 година се обидувале да ја регистрираат својата верска заедница согласно важечките позитивни прописи. Бидејќи не успеале пред Комисијата (согласно законот од 1997) исцрпувајќи ги сите домашни механизми за заштита, поднеле жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на членот 11 в.в. член 9 од Конвенцијата, која апликација е заведена под бр. 3532/07. Во меѓувреме, во 2009 година е донесен нов Закон за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи (Сл. Весник бр. 113/07), согласно кој барателите поднесоа ново барање за запишување на нивната црква во соодветниот регистар.
Меѓутоа, ниту ова нивно барање не било усвоено од регистрациониот суд во Северна Македонија ниту во сите повисоки инстанци во државата, поради што се исполнија условите за поведување постапка пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), па основачите поднесоа жалба до Судот во Стразбур за повреда на погоре наведените членови од конвенцијата, која апликација била припоена кон веќе постоечкиот предмет заведен под жалбата бр. 3532/07.
ЕСЧП ценејќи ги наводите во жалбата, сите приложени докази, одговорот на државата, но ценејќи ја и правната рамка во тужената држава, како и меѓународните стандарди кои се однесуваат на почитување на правото на религија и уверување, повикувајќи се на својата веќе воспоставена пракса за заштита на ова право, ДОНЕСЕ ПРЕСУДА СО КОЈА УТВРДУВА (види Изреката на пресудата) ДЕКА ДРЖАВАТА (н.з. Република Северна Македонија) СТОРИЛА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 11 толкуван во смисла на членот 9 од Конвенцијата. Своето образложение за ваквата одлука ЕСЧП го дава во делот Оценка на судот (види параграф 93- 123) каде ги оценува сите аспекти на несоодветното постапување од страна на државата во овој случај, посебно елаборирајќи ги општите принципи на судот изразени во дотогашната судска пракса на ЕСЧП, поврзани со конкретниот случај, ги разгледува и наводните недостатоци на барањето на апликантот пред националните органи и судови и најдетален и прецизен осврт судот дава за „странското потекло” на жалителот и неговото целно име.
Во месец април 2019 година, Пресудата 3532/07 на ЕСЧП станува правосилна и истата треба да се изврши пред националните органи на начин како што тоа го определува судот во самата пресуда.
Имено, согласно членот 46 од Европската конвенција за човекови права и слободи, државата која ја потпишала и ратификувала истата, се обврзува да ги почитува и да ги спроведува одлуките на ЕСЧП, а почитувањето и извршувањето на одлуките на ЕСЧП согласно истиот член го следи Комитетот на министрите.
Извршувањето на пресудите се врши со преземање мерки (индивидуални и/или генерални) од страна на тужената држава.
Индивидуалните мерки подразбираат пред се отстранување на последиците, што во конкретниов случај би подразбирало впишување на правниот субјективитет на Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија како посебна верска заедница.
Ова попрецизно се уредува со националните позитивни прописи, поточно Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП во членот 5 ст. 1 т. 12 прецизира што значат индивидуални односно поединечни мерки. Со одредбите од член 22 до член 24 пак се уредува постапката за извршување на конечната пресуда на ЕСЧП. Со членот 25 се уредува дека државата (н.з. Република Северна Македонија) ќе ги преземе сите поединечни мерки од страна на субјектите од членот 24 (види член 24 од Законот) за отстранување на повредата и последиците кои настанале од повредата што зависи од утврдената повреда и состојбата на жалителот. Во конкретниов случај, тоа би било поништување на првостепеното решение и сите останати одлуки кои го потврдиле истото и прифаќање на барањето на основачите на Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија за упис во регистарот кој се води при Основниот суд Скопје 2 Скопје и УПИС на Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија во истиот.
Меѓутоа, иако по иницијатива на барателите пред националните судови и органи беше отпочната постапка за извршување на оваа пресуда, истата сеуште не извршена во целост. Имено, од страна на државата без проблем беше исплатен досудениот правичен надомест на штета, како и трошоците на постапката, но последиците од повредата, односно УПИС на Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија се уште не е извршен.
Комуникација со ЕСЧП за тековни апликации
Во предметот X and Y против Македонија, поднесена поради полициска бруталност врз апликантите, Хелсиншкиот Комитет е повикан како замешувач (third party intervention), по што Хелсиншкиот Комитет ја изготви комуникациијата и во дадениот рок истата е поднесена до Судот.
Во предметот Бошковски против Македонија, во април 2018 година Хелсиншкиот Комитет како застапник на апликантот поднесе пишани опсервации во дадениот рок до ЕСЧП, произнесувајќи се по наводите на државата дадени во нејзините пишани опсервации.
Завршени постапки пред ЕСЧП
За случајот Жаклина Димовска против Македонија, до Европскиот суд е поднесено известување дека основното јавно обвинителство Скопје започнало кривична постапка против пријавените лица поради основано сомневање дека тие со сторување односно со пропуштање се виновни за влошување на здравствената состојба и смртта на малолетната ќерка на апликантката. По ова, судот до Хелсиншкиот Комитет за човекови права испрати допис со кој не информираше дека апликацијата е недопуштена и дека предметот се затвара.
За случајот Фрчковски против Македонија, каде апликантот имаше поднесено апликација до Судот поради спроведена лустрација против него, во текот на 2018 година ЕСЧП побара одговор дали апликантот останува кон поднесената апликација, за што беше доставен уреден одговор. По оваа комуникација, Европскиот Суд донесе одлука дека апликацијата ја прогласува за недопуштена и дека предметот се затвора.