За Нас
Хелсиншкиот комитет за човекови права е здружение на граѓани регистрирано во 1994 година. Комитетот врши мониторинг на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи. Цел на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на СРМ, меѓународните инструменти и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото. Комитетот поаѓа од тоа дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и да имаат можност да ги заштитат во случај на нивно прекршување или ограничување. Ова претставува основа на владеењето на правото, човековите права и демократијата.
Во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со она на Европската унија, Хелсиншкиот комитет: Организира системско набљудување на состојбите со човековите права во земјата; Обезбедува бесплатна правна помош и ги штити индивидуалните, колективните и правата на другите правни субјекти на територијата на Република Северна Македонија и пред меѓународни организации; Подготвува месечни, годишни и посебни извештаи за состојбата со човековите права; Подготвува анализи и други стручни документи поврзани со состојбите со човековите права; Организира конференции, семинари, трибини, јавни акции и други законски форми на граѓанска активност; Го промовира и помага развојот на демократијата, владеењето на правото и граѓанското општество, и врши други работи од јавен интерес согласно Законот за здруженија на граѓани.
Собрание
Управен Одбор
Членови на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права:
Претседател

Неда Здравева
Неда Здравева е родена на 10.11.1976 година во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет во 2000 година, а од 1999 година е вклучена во наставата како демонстратор. Магистерските студии од областа на граѓанското право ги завршила во 2008 година. Звањето доктор на правни науки го стекнува во 2012 година по одбрана на докторската дисертација „Kомпаративни аспекти на одговорноста за нематеријална штета во теоријата, законодавството и практиката“. Во академската во 2013/2014 остварува постдокторски истражувачки престој во областа на одговорност за дискриминација на Универзитетот во Фрибург, Швајцарија како стипендист на Програмата за извонредност на Владата на Швајцарија.
д-р Неда Здравева е вонредна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Дел е од наставниот кадар на предметите од областа на облигационото право и правото на интелектуална сопственост на студиите од прв и од втор циклус. Од септември во 2016 е избрана за продеканка за настава, а од ноември 2018 година е продеканка за финансии. Во 2020 година е назначена за Раководителка на Правната клиника за ранливи групи. Таа е еден од основачите на оваа клиника во 2017та година, и како ментор работи со студентите на проблематиката за правата на ранливите категории потрошувачи. Од 2011 година ја врши функцијата на Генерален Секретар на Центарот на Мрежата на правни факултети на Југоисточна Европа (South East European Law Schools Network) чија цел е соработка помеѓу правните факултети во регионот.
Авторка е на бројни трудови и публикации од областа на облигационото право, вклучително договорното право, отштетното право и потрошувачкото право, како и правото на интелектуалната сопственост. Исто така, била вклучена во подготовката на стратегиски документи. Како експерт учествувала и во креирањето законски решенија во областа на облигационото право и на потрошувачкото право. Учесничка е на научни и стручни конференции во земјата и во странство, вклучително и за пристап до правда и остварување на права на маргинализирани групи.
Надзорен одбор
Членови на Надзорниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права