јануари 3, 2021

(Не)ефикасноста на државниот инспекторат за труд во заштитата на работничките права

Овој документ за јавни политики е изготвен во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работни односи во Северна Македонија (II)” и се однесува на периодот од август 2018 до септември 2020 година. Проектот обезбедува сеопфатен преглед на состојбата со работничките права, вклучувајќи мерење на степенот на задоволство на граѓаните од заштитните механизми против дискриминацијата и повредите на работничките права. Притоа, проектот дава и препораки за унапредување на законската рамка во согласност со меѓународните стандарди. Дополнително, активностите вклучуваат и мониторинг на инспекцискиот надзор на трудот и постојано информирање на јавноста за состојбата со работничките права, што придонесува кон покренување на јавната свест за пристапот до механизми за заштита. Една од клучните активности на проектот е мониторирање на работата на Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

ДИТ е примарен и најважен механизам во заштитата на работничките права. Тој  врши надзор над примената на законите и другите прописи за работни односи, вработување и заштита при работа. Инспекторатот врши надзор и на почитувањето на колективните договори, договорите за работа и другите акти со кои се уредуваат и остваруваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавачите во областа на работните односи, вработувањето и заштитата при работа. Имајќи ја предвид лесно достапната и бесплатна административна постапка, ДИТ е најчесто користениот заштитен механизам преку кој граѓаните на Македонија бараат институционална заштита на правата од работен однос. Како дел од работната група за изработка на новиот Закон за работните односи (ЗРО), ДИТ игра значајна улога во унапредувањето на домашното трудово законодавство и неговото хармонизирање со меѓународната трудова легислатива. Ова пред сè се однесува на директивите на Европската Унија (ЕУ) и конвенциите на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Пандемијата предизвикана од COVID-19 доведе до здравствена, но и работничка криза и како никогаш досега ја тестираше функционалноста и ефикасноста на ДИТ. Работничките и работниците беа први на удар по прогласувањето на вонредната состојба во земјата заради справувањето со последиците од коронавирусот. Кризната состојба за нив значеше борба за зачувување на своето и на здравјето на најблиските, но и борба за спас на нивната егзистенција. Ваквата ситуација произведе грубо кршење на работничките права, чиј број секојдневно се зголемуваше и бараше брза и ефикасна реакција од ДИТ.

Сето наведено посочува кон потребата и важноста од ефикасен и функционален ДИТ, кој во континуитет ќе обезбедува унапредување и навремена заштита на работничките права. За таа цел, овој документ за јавни политики ќе даде препораки за надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочува ДИТ, регистрирани низ континуираното следење на неговата работа во периодот од август 2018 до септември 2020 година. Ова ќе придонесе кон унапредување на работата на ДИТ.

Документот е подготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија”, финансиран од Фондот за добро владеење на Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.

Документи