јануари 15, 2021

Бараме Собранието итно да го изгласа новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Собранието на Република Северна Македонија на 31-та седница закажана за 12.1.2020 година не ја изгласа Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Седницата беше прекината поради немање на кворум за работа на Собранието, со што изборот на членови на институцијата повторно се одолговлече, а со тоа се одложи и почетокот на работата на Комисијата која има мандат да спречува и да штити од дискриминација.

Гласањето, пак, на Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беше втора точка на дневниот ред на седницата на Собранието, веднаш после гласањето на Предлог-одлуката за избор на претседател, на потпретседател и на членови на Државната изборна комисија. Имајќи предвид дека претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК едногласно беа изгласани од страна на 95 пратеници, кои беа присутни кога се гласаше за оваа точка на дневниот ред на оваа седница, крајно несериозно и малициозно е тоа што Собранието не оствари кворум за работа (од 61 пратеници) при гласањето за Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно што дел од пратениците интенциозно ја напуштија собраниската сала кога требаше да се гласа по оваа точка.

Граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација, што значи дека Собранието не смее да дозволи воспоставувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дополнително да се развлекува. Затоа, апелираме до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија веднаш да закаже продолжување на 31-та седница, на која ќе се гласа  Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Ги потсетуваме сите политички партии во Собранието, кои пред изборите ја поддржаа Декларацијата за донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација, дека се обврзаа да спроведат брза и транспарентна постапка за воспоставување на Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Очекуваме дека тие ќе бидат присутни на продолжувањето на седницата и ќе обезбедат кворум за изгласување на предлог одлуката.

Дополнително, покрај бројните недостатоци во постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сметаме дека овој предлог-состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата. Го поздравуваме поставувањето на листата на кандидати со богато искуство во спречувањето и заштитата од дискриминација кои воедно доаѓаат од здруженија кои се етаблирале како независни чинители во унапредувањето на човековите права на граѓаните. Клучна наша забелешка е недостатокот на родово-балансирано учество на предлог-листата, иако половина од кандидатите беа жени, а дел од нив со исклучителни биографии во областа на човековите права и недискриминацијата.

Апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии конечно да го изгласаат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да овозможат оваа институција да започне со работа со новиот и унапреден состав на членови.