Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2018 година
Покрај одредени позитивни поместувања, 2018 година беше уште една година во која политичките настани доминираа над реформските процеси. Неуспешниот референдум, што следуваше по потпишувањето на Преспанскиот договор и напорите да се создаде мнозинство за негово усвојување во Собранието, резултираа со контроверзниот Закон за амнестија на учесниците во Крвавиот четврток. Мешањето на политиката во правосудството грубо ги прекрши принципите на еднаквост пред законите и владеењето на правото. Институциите потфрлија и со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а изостана и понесување на каква било одговорност на надлежните во овој случај.
Овие настани, заедно со нетранспарентното донесување на неколку закони од кривично-правната област, фрлија сенка на воспоставената соработка на Владата и граѓанските организации. Иако нивната вклученост при донесувањето на одредени закони беше на задоволително ниво, а Блупринт групата за правосудство активно партиципираше во севкупните реформски процеси, сепак парцијалните и политички мотивираните интервенции во важни закони ја намалија правната сигурност на граѓаните и им наштетија на зацртаните реформски цели. Статусот на Специјалното јавно обвинителство исто така се наоѓа во доменот на партиските калкулации, иако одложувањето на законските решенија може да ги загрози и веќе отворените постапки. Неминовно е да се споменат и партиските пазарења околу Законот за заштита од дискриминација, чиешто усвојување со месеци се пролонгираше и беше придружено со медиумски спинови и спорни изјави на високи политички претставници.
Севкупната атмосфера во земјата во извештајниот период го засили говорот на омраза во медиумскиот простор, а уште позагрижувачко е удвојувањето на бројот на регистрирани дела од омраза, споредено со претходната година. Иако ваквите злосторства најчесто се на етничка основа, во голема мера се присутни изблиците на омраза кон ЛГБТИ-заедницата, мигрантите, жените итн. Полицијата, судовите и Јавното обвинителство останаа неуки и неефективни во решавањето на таквите случаи. Сензибилизацијата е алката што недостига и во случаите со родово-базирано насилство, каде што надлежните често потфрлаат во односот кон жртвите и нивната заштита.
Покрај посебните осврти на состојбата со родовата еднаквост, говорот и делата од омраза, дискриминацијата и човековите права на ранливите групи и ЛГБТИзаедницата, извештајот ја разработува и состојбата со работничките права, со акцент на правата на текстилните работнички. Во овој извештај се опфатени и конкретни судски процеси што се дел од редовниот судски мониторинг на Комитетот во текот на 2018 година, а се осврнуваме и на состојбата со затворените институции во земјава.
Со оглед на тоа што Хелсиншкиот комитет е препознатлив по овозможувањето на бесплатна правна помош за граѓаните и ги лоцира сите недоследности во постојниот закон во извештајот ги вклучуваме и коментарите за новиот предлог-закон за БПП. Покрај констатираните состојби и случувања во текот на 2018 година, во овој извештај се содржани и соодветни препораки за сите области на кои работи Комитетот. Со нив даваме јасни насоки за справување со проблематичните точки и појави што ја обликуваат генералната состојба со човековите права во Република Северна Македонија и очекуваме носителите на одлуки да ги земат предвид при креирањето на државните политики и мерки.