јули 26, 2013

Притворот на Томислав Кежаровски е спротивен на Европската конвенција за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права постапувајќи по барањето за бесплатна правна помош од страна г-ѓа Марина Кежаровска, од извршениот увид во приложената документација од предметот на Томислав Кежаровски, констатира  дека Кривичниот совет  донесувањето на решенијата го сторил во постапка и на начин кои се спротивни на Европската конвенција за човекови права  и праксата на Европскиот суд за човекови права. Сторени се суштествени и процесни повреди во врска со проценката и аргументацијата за неопходноста од продолжување на притворот од страна на Основниот суд и непостапувањето по жалба од страна на Апелациониот суд во Скопје.

Образложението за причините за колективното продолжување на притворот во решението од 26 јуни на Кривичниот совет содржи само една страница. Се наведува дека постои опасност од бегство поради видот и висината на предвидената санкција, како и околноста дека г. Кежаровски не поседува недвижен имот. Втората причина се однесува на можноста обвинетиот преку сведоците и прикривање на докази да влијае на истражната постапка, додека како трета причина се наведува опасноста од евентуално сторување на ново кривично дело.

Второто решение за продолжување на мерката притвор од 24 јули следува по завршувањето на истрагата и поднесувањето на обвинителен акт. Образложението на ова решение е содржано на помалку од една страница. Кривичниот совет оправданоста на притворот ја аргументира идентично како и во првото решение, а единствената разлика е во изоставувањето на втората причина – влијание врз сведоците и прикривање на докази – имајќи предвид дека истрагата е завршена. Хелсиншкиот комитет укажува дека воспоставената пракса на Европскиот суд претпоставува при одлучувањето за продолжување на мерката притвор, судиите да мораат да ги наведат причините за нивната одлука, односно детално да прецизираат зошто сметаат дека лицето ќе побегне.

Во слуачајот на Томислав Кежаровски постои состојба на донесување одлуки на идентичен начин, преку стереотипна формулација на речениците и без објаснување за причините поради кои постои опасност од бегство што претставува повреда на Конвенцијата.[1] Судиите мораат во детали да ја опишат поединечната ситуација во која се наоѓа притвореното лице,[2] а праксата за издавање на колективни решенија која води кон континуиран притвор за група на лица без поединечна проценка на основите е прогласена за недопуштена од страна на Европскиот суд.[3]

Што се однесува до третата причина на Кривичниот совет – опасноста од сторување на ново кривично дело, неопходно е да се потенцира дека според Законот за кривичната постапка потребно е да постојат особени околности кои би го оправдале стравот дека г. Кежаровски тоа би го сторил. Кривичниот совет не наведува ниту еден факт во поткрепа на својот став дека е можно сторување на ново кривично дело.

Освен спорните решенија на Основниот суд Скопје 1, загрижува и постапувањето на Апелациониот суд во Скопје кој и по истекот на еден месец не се впушти во оценување на жалбените наводи изјавени против решението на Кривичниот совет од 26 јуни. Во конкретниот случај се работи за решение за продолжување на притворот за 30 дена. Според тоа, доколку решението е обжалено, жалбата мора да биде разгледана и по неа да биде одлучено пред Кривичниот совет да донесе ново решение за продолжување на притворот. Со намерното или ненамерното непостапување, Апелациониот суд ја повредил ефективноста на жалбената постапка и со тоа сторил повреда на Европската конвенција за човекови права.

Со тоа, на странките во т.н. случај „Ликвидација“ им се отвора можноста за поднесување на жалба против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Во согласност со општоприфатените принципи на меѓународното право, постојат околности кои ги ослободуваат обвинетите од користењето на домашните правни средства кои се на располагање.[4] Ова од причина што според Европскиот суд официјалната толеранција од страна на државните власти, која ги прави постапките бесмислени или неефективни, ги ослободува обвинетите од користењето на домашни правни лекови кои мораат да бидат доволно јасни, не само теоретски (како што е предвидено во Законот за кривичната постапка), туку и во пракса.[5]

Поради тоа, Хелсиншкиот комитет го повикува Апелациониот суд во Скопје сериозно да ги разгледа жалбените наводи против последното решение на Кривичниот совет со кое на 24 јули повторно му беше продолжен притворот на новинарот Томислав Кежаровски. Притоа, Хелсиншкиот Комитет потсетува дека по завршувањето на истражната постапка, на судот освен притворот кој претставува најекстремна мерка, на располагање му стојат алтернативни мерки како што се куќен притвор, гаранција (која е веќе понудена од страна на семејството на г. Кежаровски), одземање на патна исправа итн.

Хелсиншкиот комитет, во недостиг на соодветна реакција од страна на македонските судови, е подготвен да започне жалбена постапка пред Европскиот суд за човекови права.


[1] Yagci and Sargin v Turkey (16419/90), 8 June 1995, para. 52.

[2] Smirnova v Russia (46133/99 and 48183/99), 24 July 2003, para. 70.

[3] Vasilkoski v Republic of Macedonia (28169/08), 28 October 2010, para. 63.

[4] Sejdovic v Italy (56581/00), 1 March 2006, para. 55.

[5] Aksoy v. Turkey (21987/93), 18 December 1996, para. 52.