Неука одлука на Основниот суд Скопје 1
септември 2, 2015
Вчера, 1 септември 2015 година, Основниот суд Скопје 1 преку соопштение објавено на веб страницата на Судот информираше дека по барање на адвокатот Никола Додевски, судија на претходна постапка донел решение со кое го уважил барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти од предметите на ОЈО оформени по кривична пријава на СДСМ. Според судијата, тие докази треба да се издвојат затоа што биле незаконски прибавени и не можат да се користат ниту врз нив да се заснова судска одлука.
Хелсиншкиот комитет е фрапиран од злоупотребата на постапката од страна на судијата на претходната постапка и неговото нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Имено, судијата на незаконски начин се вмешал во работата на јавното обвинителство и донел противправно решение кое не може да предизвика правна последица и како такво мора да биде обжалено од ОЈО Скопје и преиначено од страна на Апелациониот суд во Скопје. Имено, одредбите на кои се повикува судијата (ЗКП: чл. 93 – Издвојување на доказ во врска со чл. 12, ст. 2 – Законитост на доказите) се однесуваат само во случај кога случајот е влезен во формална истражна постапка. Имајќи предвид дека списите ги барал судот од обвинителството, јасно е дека обвинителството не донело решение за покренување на истражна постапка ниту барало носење на било каква судска одлука. Оваа шестмесечна неактивност на ОЈО претставува уште еден индикатор за несериозноста на правосудните органи и отвора сомнеж за нивна можна координација за избегнување на законските обврски.
Имајќи предвид дека кривичните пријави се наоѓаат во предистражна постапка (голем дел од пријавените лица сè уште не се испитани), судијата на претходната постапка воопшто немал надлежност да постапува во тој дел од постапката која според чл. 289 ЗКП е тајна. Надлежноста на судијата на претходната постапка отпочнува во истражната постапка (чл. 294 ЗКП), а единствен исклучок од ова правило е судската контрола на законитоста при работењето на истражните органи (чл. 290). Меѓутоа ниту барањето на адвокатот, ниту решението на судијата не се однесуваат на незаконско постапување на обвинителството туку на издвојување на наводно незаконски прибавени докази од страна на трето лице. Дали доказите се прибавени законски или не судот може да утврдува само во истражна или судска, но не и во предистражна постапка (чл. 294 ЗКП). Потврда на ова е и фактот што одредбата врз основа на која судијата го донел решението може да биде донесено по предлог на „странките“, а осомничените во овој дел од постапката сè уште го немаат статусот на „странка“.
Според тоа, судијата ниту имал овластување да ги бара списите од обвинителството, ниту да ги издвои и задржи доказите. Јасно видлива е намерата решението да стане правосилно и да се изигра чл. 14 од Уставот според кој никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука. На овој начин судството ќе го поништи политичкиот договор за именување на Специјалниот јавен обвинител чија основна цел – истражување на наводите за тешки кривични дела сторени од страна на највисоките претставници на власта ќе стане беспредметна. Со тоа сериозно ќе бидат загрозени препораката за отпочнување на преговори со ЕУ и владеењето на правото во Македонија.