септември 4, 2015

Препораки до Македонија за прекршувањето на правата на Ромите

Комитетот за елиминација на расна дискриминација на 11 и 12 Август 2015 година ја одржа 87-та сесија на која беше разгледуван и периодичниот извештај на Република Македонија за почитувањето и остварувањето на правата загарантирани со Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација, ратификувана од страна на Република Македонија.

Мрежата за заштита од дискриминација, заедно со здружението на граѓани Реактор – Истражување во акција до Комитетот поднесе Извештај во сенка, во кој беа посочени проблемите со кои се уште се соочува ромската етничка заедница во Република Македонија, а особено слободата на движење, сегрегацијата во образованието, социјалниот статус на Ромите, невработеноста и правото на домување, непоседувањето на лична документација, како и проблемот со здравствената заштита на Ромите кои се корисници на дроги, но и жените Ромки. Мрежата во поднесениот извештај даде и препораки за надминување на идентификуваните проблеми, кои во голем дел се прифатени од страна на Комитетот и се предложени до државата во заклучните согледувања.

Според заклучните согледувања на Комитетот за елиминација на расна дискриминација на Обединетите нации очигледно е дека државата не успева да ја подобри состојбата на Ромите како припадници на најмаргинализираната етничка заедница во Република Македонија. Комитетот посочува на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на движење на Ромите, непоседувањето на лични документи, ситуацијата со децата Роми на улица и сеграгцијата во образованието.

Во однос на слободата на движење, Комитетот посочува дека е загрижен за случаите на расно профилирање на Ромите кои сакаат да ја напуштат државата и препорачува државата во целост да го почитува правото на граѓаните слободно да ја напуштат и да се вратат во државата, но и да преземе соодветни мерки со кои ќе се спречи испрашување, но и апсење поради етничката припадност на личноста. Загриженост околу ова прашање неодамна изрази и Комитетот за човекови права на Обединетите нации кој препорача државата да го почитува правото на секое лице да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата. Во делот на сегрегацијата на Ромите во образованието, Комитетот посочува дека е загрижен за информациите за одбивањето Ромите да се запишат во одредени училишта, особено во Битола, за само-сегрегацијата која постои кај децата Роми, но и за високиот процент на деца Роми кои се вклучени во специјалните училишта во државата. Во оваа насока, Комитетот препорачува државата да спречи секаква дискриминација кон учениците од Ромската етничка заедница во пристапот до соодветно образование.

Во однос на ситуацијата со децата Роми кои живеат на улица, децата Роми кои се корисници на дроги и децата Роми кои немаат документи и не можат по никаков основ да ги остваруваат,  Комитетот изразува особена загриженост и препорачува државата да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на правата на овие деца.

Комитетот изразува загриженост и за проблемот со домувањето на Ромите и за лошиот социјален статус, констатирајќи дека ромската етничка заедница е најизложена на сиромаштија, невработеност и социјална исклученост.

Поради сето ова бараме Владата на Република Македонија да ја почитува Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација и да преземе итни мерки за спроведување на препораките на Комитетот за елиминација на расна дискриминација.

Документи