јуни 11, 2021

Извештај од истражувањето на влијанието што мерките за справување со КОВИД-19 го имаат врз човековите права на маргинализираните заедници

Објавен е Извештајот од истражувањето на влијанието што мерките за справување со КОВИД-19 го имаат врз човековите права на маргинализираните заедници.

Преземи публикација на:

македонски

албански

Кризата предизвикана од ковид-19 претставува исклучителен предизвик за почитувањето и заштитата на човековите права, а особено правата на маргинализираните групи кои и надвор од кризата се изложени на чести прекршувања, без соодветна и ефикасна заштита. Прогласувањето на вонредната состојба дополнително ја концентрира моќта во рацете на извршната власт, која добива овластување да донесува уредби со законска сила. Вондредната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид 19 земјата, доведе до ограничување на повеќе човекови права, а особено правото на слободно движење, правото на слободно здружување, правото на образование, почитувањето на приватниот и семејниот живот, правото на здравствена заштита, заштита од дискриминација, правото на работа, но и правото на јавно манифестирање на религија или верување, особено во својата колективна форма.

Членките на Мрежата за заштита од дискриминација во текот на пандемијата активно работеа со маргинализираните заедници, ги мапираа потребите, предизвиците и ефектите и предлагаа решенија за олеснување на ефектите од пандемијата врз нив. Оттука, целта на спроведеното истражување е да се добијат релевантни податоци за влијанието што пандемијата и донесените мерки за справување со неа го имаат врз правата на маргинализираните заедници.Врз основа на истражувањето се добиваат релевантни заклучоци и препораки за поуспешна заштита на правата и пресретнување на потребите на маргинализираните заедници во услови на криза, но и надвор од неа. Резултатите од истражувањето ќе служат за застапување засновано врз докази за унапредување на гарантирањето и заштитата на човековите права на маргинализираните групи, преку унапредување на политиките, практиките и капацитетите на институциите.

Целта на анализата е да се оцени функционалноста на уредбите со законска сила и мерките пропишани со уредбите донесени во периодот од март до јуни 2020 година, и нивното влијание врз човековите права на маргинализираните заедници во услови на вонредната состојба предизвикана од пандемијата со корона-вирусот. Методолошката рамка на извештајот се заснова врз деск-анализа, правна анализа, анализа на состојбата со одделните маргинализирани заедници од страна на здруженијата кои директно работат со заедниците и анализа на интервјуа со припадници на ромската етничка заедница, сексуалните работници/чки, луѓето што употребуваат дроги, ЛГБТИ луѓето, луѓето што живеат со ХИВ и жените жртви на семејно насилство.

Автор(к)и на извештајот се: Наташа Бошкова, Дарко Антиќ, Росана Богатинова и Маргарита Глигуроска. Публикацијата ја уредуваше Драгана Дрндаревска.