јуни 15, 2021

Очекуваме безбеден и успешен Скопје Прајд 2021

Организацискиот одбор на Скопје Прајд денеска одржа прес конференција во социјалниот клуб Комитет, на која се објавија детали околу одржувањето на втората Парада на Гордоста во Скопје, на 26 јуни. Пресот го отвори Кочо Андоновски, од ЛГБТИ Центарот за поддршка, нагласувајки дека оваа парада е посветена на сите ЛГБТИ луѓе и поддржувачи, кои ќе дојдат да го исчекорат овој марш за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, но и на сите оние кои нема да можат да дојдат, заради различни причини – зашто се плашат за односот со своите најблиски, се плашат за своите работни места или за односот кон нив во училиште. ,,Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот, заради стигмата и предрасудите. И затоа, годинава, мотото на парадата е ВОН ЅИДОВИТЕ’’- изјави Андоновски.

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Таа информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на Министерството за внатрешни работи да се обезбеди највисоко ниво на сигурност. ,,Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно’’. Пировска се осврна и на високото ниво на говор на омраза, кое се појавува при секое одржување на настан поврзан со правата на ЛГБТИ лицата и најави дека на редовните состаноци со МВР во пресрет на Прајдот, ќе се пријавуваат и овие случаи. На прес конференцијата учествуваше  и Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавноста, кој од име на МВР изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Детали за самиот настан сподели Елена Петровска, од Коалиција Маргини. И годинава Прајдот ќе започне со собирање на учесниците во паркот Жена Борец од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде по истата рута, покрај Влада, сѐ до Школка во Градскиот парк. ,,Таму ќе започне и делот на прослава, бидејќи прајдот е протест, но и прослава,  на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и  поправедно општество’’- рече Петровска. И овојпат, Прајдот ќе го отвори нашиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев,  а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани на сите комуникациски канали.

Петровска, во име на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, како организатор на Скопје Прајд, им се заблагодари на над 30 волонтери на Скопје Прајд, за нивната поддршка и активизам.