септември 3, 2014

Дискриминација по основ на пол во Законот за работни односи

На крајот од месец јули, непосредно пред годишниот одмор, Собранието на РМ повторно усвои дискриминаторски одредби во Законот за работни односи. Имено, почнувајќи од август 2014 година, работниците со писмена изјава до работодавачите може да побараат да им се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена). Според измените, доброволната писмена изјава се поднесува еднаш годишно (по стекнат стаж од 62 години за жени, односно 64 години за мажи), а по нејзиниот прием работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување. Мрежата за заштита од дискриминација го потсетува законодавниот дом дека според Уставот, Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за спречување и заштита од дискриминација, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот и секој има право на работа и избор на вработување. Забранета е дискриминацијата врз основа на пол во јавниот и приватниот сектор во областите на вработувањето и трудот и социјалната сигурност и секоја директна или индиректна дискриминација врз основа на пол.

Со особено жалење констатираме дека Собранието на РМ, по налог на извршната власт, без јавна дебата и консултации со засегнатите страни и без да ја има предвид праксата на Уставниот суд усвои законско решение што содржи одредба која претставува директна дискриминација. Такви одредби се мошне ретки и во земји со авторитарни режими и се спротивни на европските стандарди што се однесуваат на ова прашање. Овој чекор во суштина значи напуштање на половата еднаквост која постоеше пред усвоените измени во делот на остварување на правото на работа (односно и жените и мажите од работодавачот да побараат продолжување на работниот стаж до 65 годишна возраст. Уставниот суд на РМ во 2005 година[1] поништил дискриминаторски одредби врз основа на пол од Законот за работни односи што се однесуваат на ова прашање). Според Уставниот суд нееднаков однос по основ на пол постои „секогаш кога условите за остварување на пензија утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените“. Според Уставниот суд неспорно е правото на жените да се пензионираат порано од мажите како принцип на афирмативна акција, но не и кога „станува збор за остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија“.[2]

Напоменуваме дека во 27 од 28 земји членки на Европската унија старосната граница за пензионирање меѓу мажите и жените е веќе изедначена или на сила се правни акти преку кои целосната еднаквост ќе биде прогресивно обезбедена во годините што следат. Дискриминаторското решение уште повеќе ќе го зголеми јазот на нееднаквост помеѓу мажите и жените имајќи предвид дека жените работат пократко што резултира со пониски пензии. Државата продолжува со ставање на посебен акцент на стереотипното приемање на жените како мајки и негувателки, промовирајќи го на тој начин нерамноправното унапредување во кариерата на мажите. Дополнително, просечниот животен век на жените во Македонија изнесува 74.2 години, додека кај мажите 69.9 години. Овој факт говори дека жените претставуваат значаен елемент на работната сила во Македонија и дека доколку доброволно сакаат да го продолжат својот работен век тоа е од полза како за нив, така и за државата. Поради сите наведени причини Мрежата за заштита од дискриминација ги повикува пратениците, а особено членовите Комисија за еднакви можности на жените и мажите и на Клубот на пратенички, да ги преиспитаат последните измени и да предложат законски амандмани во насока на целосна рамноправност меѓу мажите и жените.


[1] Одлуката У.бр. 161/2005

[2] Ваквиот став на Уставниот суд е потврден и во Одлука У.Бр. 124/2008

Документи