Платформа за борба против корупцијата: Владата да го напушти коалициското преговарање за професионални позиции во јавниот сектор
март 6, 2023
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата преку отворено писмо ја потсетува Владата дека при именувањето на професионалното раководно ниво во јавниот сектор, има должност да обезбеди конкурентна процедура низ јавен оглас.
Од Платформата велат дека Владата мора да го напушти коалициското преговарање на професионалните позиции во јавниот сектор.
„Во врска со најавеното именување на раководители и заменици на повеќе јавни институции, установи и државни претпријатија, по новиот коалициски договор, Платформата на граѓански организации потсетува на програмската заложба на Владата на Република Северна Македонија за професионализација на јавната администрација. Оттука, ја потсетуваме Владата дека при именувањето на професионалното раководно ниво во јавниот сектор, има должност да обезбеди конкурентна процедура, низ јавен оглас. За таа цел, Владата мора да го напушти коалициското преговарање за професионалните позиции во јавниот сектор“, се вели во отвореното писмо на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Оттаму додаваат дека на патот кон Европската Унија, Владата има обврска пред граѓаните да ги избере најдобрите раководители за да овозможи институции кои ќе им обезбедат квалитетни услуги.