април 17, 2020

Ковид-19: Стигмата придонесува и болни граѓани да не бараат помош од лекарите

Се прашувате ли некогаш како се чувствуваат лицата заболени или носители на коронавирусот, или како им е на оние кои се во самоизолација или во државен карантин? Со што се соочуваат тие и нивните семејства кои би можеле да бидат следни во низата? Насловите во медиумите се полни со информации (некогаш точни, некогаш лажни) само за оние кои ги прекршиле правилата за самоизолација, полицискиот час и слично, но ретко кој се прашува дали им треба помош, разговор или имаат некаква потреба лицата или семејствата коишто во најголем број ги почитуваале здравствените и мерките на државата.

Освен што се соочуваат со евентуално заболување, овие лица поради пандемијата и ограничувањата, не смеат да излегуваат никаде од својот дом ниту, пак, да се снабдат со основните продукти што им се потребни. Секој ден за нив е нов предизвик, од секаков аспект. Од здравствен, од психолошки, од социјален… Точно дека во јавноста се споделени телефонски броеви за психолошка помош, но дали секој се чувствува слободно да сподели нешто лично за себе и за својот живот со некој непознат од другата страна на телефонскиот апарат.

Деновиве повеќе лица кои беа инфицирани со коронавирусот, кои се во самоизолација, изолација, па дури и во државен карантин, излегоа во јавноста изнесувајќи ги своите приказни. Едно е заедничко дека вирусот е невидлив и дека речиси никогаш не знаеш кога можеш да заболиш.

А најголем дел од оние што се заболени вирусот го добиле несвесно, не сакајќи, некои дури и применувајќи ги сите препораки на здравствените власти. Оние, пак, кои се во самоизолација се нашле во таква ситуација бидејќи исто така не знаејќи, несвено се нашле во контакт со некој што најчесто не знаел дека е заболен или инфициран… И на крај од овој дел, лицата во државен карантин… Заминале секој од своја причина некаде далеку и сега кога светот се соочува со пандемија од Ковид-19, решаваат да се вратат дома или, пак, биле на пат за дома, па биле затекнати во некоја странска земја. Но, за да се вратат мора да поминат во карантин некаде во некој хотел, не знаејќи какви ќе бидат условите, не познавајќи ниту еден од луѓето околу себе… И тие како и овие другите се соочуваат со можноста да се разболат, но и се социјално „дисконектирани“ од семејството, кое е можеби само на неколку километри од нив.

Некој од нив утре можеби ќе стане секој од нас. Овие луѓе, кои се од сите професии, профили, возрасти, етнички припадности, од сите делови на земјата, богати или сиромашни, припадници на различни политички партии… заслужуваат многу поголема поддршка од сите нас. На социјалните мрежи, во телевизиските и медиумските прилози.