Повик за учеснички на првата Школа за феминистичко пишување и критика: Фем 101
октомври 15, 2019
Се залагаш за родова еднаквост, но не си запознаена со историјата на женското движење? Феминистка си и сакаш да научиш повеќе за феминистички теории и политики? Имаш желба за споделување на своите приказни и искуства, но не си сигурна во своето пишување?
Пријави се на Школата за феминистичко пишување и критика организирана од Медуза и збогати ги своите знаења и вештини во областа на феминизмот и пишувањето во безбедна атмосфера која мотивира и инспирира ♥
Школата има за цел да ги подготви учесничките за информирано пишување и успешно користење на социјалните медиуми и други дигитални алатки за пласирање содржини во областа на феминизмот и женските права. Школата е составена од 10 тренинзи, распределени низ 5 месеци, односно по 2 тренинзи месечно, почнувајќи од 16 ноември 2019 година.
Сексизмот, мизогиниот говор и родово базираниот говор на омраза поврзани со стереотипни очекувања, ставови и однесувања, се широко присутни на интернет просторот. Дополнително, постои очигледен недостаток на феминистички дискурс онлајн и простор за жени и девојки да се изразат и влијаат на истиот. Дигиталните алатки можат да ги зајакнат девојките и жените во борбата против стереотипите, себе изразувањето, прифаќањето и здружувањето и преку дигитално раскажување, споделување на искуства и аргументирано пишување да поттикнат општествена промена.
Програмата е поделена на две целини: теоретски – со фокус на основните феминистички теории, историјата на женското движење и клучни концепти кај родовите науки и практичен дел – со фокус на техники и методи за пишување и развој на дигитални вештини за пласирање содржини на социјалните медиуми.
Тренинзите ќе ги водат теоретичарки, професорки, феминистки со стручно познавање на темите и обемно искуство во полињата во фокус на школата. За времетрањето на школата, учесничките ќе имаат можност за практична работа, соработка со авторките на Медуза, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата.
За да бидете учеснички треба:
♥да имате од 16 до 30 години
♥ да ве интересира феминизам и родова еднаквост
♥да имате мотивација да пишувате текстови во областа на феминизмот, иако претходно искуство не е неопходно
♥да бидете во можност да ги посетувате сите обуки
Рокот за пријавување трае до 1 ноември 2019 година. Пратете ја вашата кратка биографија и писмо со мотивација за учество на школата на info@meduza.mk со назнака „Апликација за Фем 101“. Доколку имате дополнителни прашања, пишете ни на истиот мејл или на Фејсбук страната на Медуза.
Школата за феминистичко пишување и критика: Фем 101 е дел од проектот за Елиминација на родовата нееднаквост преку институционални и дигитални интервенции, поддржан од фондацијата Kvinna till Kvinna, а реалициран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права и феминистичката платформа Медуза.
Дизајн на постер: Софија Христова