октомври 15, 2019

Месечен извештај за состојбата со човековите права – септември 2019

СОДРЖИНА

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • Полициските службеници имаат обврска да го препознаваат насислтвото врз жените како родово базирано насилство

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Двојно зголемен тренд на говорот на омраза поради етничка припадност

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • ДИТ поднесе кривична пријава за фатална несреќа на работно место – констатирани низа пропусти кај работодавачот

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

–  Работеле на државен празник без надоместок – ДИТ утврди неисплаќање на додаток на плата

ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

  • Оневозможувањето на лицата со попреченост, на еднаква основа со другите, да ги користат базените за рехабилитација, претставува директна дискриминација

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Остра осуда за новинарите и медиумите кои шират сексистички и омаловажувачки говор кон жените

–   Вознемирувачка, сексистичка и мизогина изјава на потпаролот на ВМРО ДПМНЕ

 

СЕПТЕМВРИ 2019

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Полициските службеници имаат обврска да го препознаваат насислтвото врз жените како родово базирано насилство

На 25.07.2019 година Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека маж – возач на такси-возило, физички и вербално нападнал жена. На социјалните мрежи беше споделувана видео снимка од настанот на којашто се гледа нападот од страна на мажот, по што жената паѓа на улица.

Хелсиншкиот комитет за човекови права беше информиран дека од страна на полициските службеници кои постапувале по пријавата бил констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за што против двајцата учесници била поднесена прекршочна пријава.

За ваквото непрофесионално и незаконито постапување, Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кои не известија дека настанот кој првично бил квалификуван како прекршок е преквалификуван во сторено кривично дело „Насилство” од член 386 став 1 од Кривичниот законик.

Полицискиот службеник во постапувањето по конкретниот случај сторил низа пропусти, па така не ја известил соодветната организациона единица – Единица за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи – Скопје, а не било известено ни надлежното Основно јавно обвинителство. Против него е иницирана постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Препорака: Хелсиншкиот комитет предвидува креирање и испорачување циклус обуки на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, вклучени во системот на превенција на родово базирано и семејно насилство. Целта на обуките е препознавање на родово базираното насилство, подобрена имплементација на стандардите кои ги налага Истанбулската конвенција и подобрување на знаењата на стручните лица и полициските службеници вклучени во имплементација на Конвенцијата.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Двојно зголемен тренд на говорот на омраза поради етничка припадност

Во текот на септември, на порталот www.govornaomraza.mk беа верификувани 43 пријави за говор на омраза на социјалните медиуми. Најголем број, односно 39% од пријавите, се однесуваа на говор на омраза поради етничка припадност што преставува зголемување за 100% во споредба со месец август. При анализа на пристигнатите пријави, не можеше да се детерминира тренд кој би можел да предизвика ваков негативен дискурс. Од ова може да се заклучи дека говорот на омраза врз етничка припадност е присутен во континуитет.

Потоа 14 пријави, или 25%, се однесуваа на говор на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет. По 9 пријави, или 16%, се однесуваа на говор на омраза врз политичка припадност и пол и род.

Преглед на верификувани пријави за говор на омраза за септември, 2019 година

Тоа што беше регистрирано од страна на тимот на Хелсиншкиот комитет за човекови права беше зголемен тренд на говор на омраза на социјалните медиуми поврзано со тековните политички случувања во државата. Трендот на говор на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет, односно пол и род, како и во изминатиот период продолжи и во септември што се должи на случајот “Рекет”.

Тренд говор на омраза за септември 2019 година

 

 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

ДИТ поднесе кривична пријава за фатална несреќа на работно место – констатирани низа пропусти кај работодавачот

Во текот на месец септември, 13 работници се обратија до Хелсиншкиот комитет со барање за правни информации во врска со:

  • Постапката за заштита од вознемирување на работно место;
  • Повреди на работното место;
  • Исплата на регрес за годишен одмор (К15);
  • Рокот од 30 дена за одлучување на второстепениот суд во постапки за спорови од работни односи и
  • Можноста за распоредување на работникот на друго работно место, соодветно на неговиот степен на стручна подготовка, согласно Колективниот договор за основното образование.

Во текот на овој месец, Хелсиншкиот комитет регистрираше случај на повреда на работното место која резултирала со смрт на работникот. Комитетот побара информации од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) за извршениот инспекциски надзор и за евентуалните неправилности доколку се прекршени одредбите од Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа. Инспекторатот нѐ извести дека инспектори излегле на терен веднаш по несреќата и констатирале дека работникот изведувал кровопокривачки и лимарски работи, при што паднал од висина од околу осум метри и набрзо потоа починал во Општата болница во Струга. ДИТ констатирал дека над починатиот работник не бил извршен здравствен преглед за работа под посебни услови ниту соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа. Понатаму, до подрачната единица на ДИТ не било доставено известување за започнување на градежни работи и План за безбедност и здравје при работа, што е обврска од Правилникот при работа на привремени градилишта.  Исто така, не била извршена проценка на ризик на работни место (монтажер на панели) и не била изготвена изјава за безбедност со која се прецизира начинот и мерките кои треба да се преземат. Констатирајќи ги сите неправилности, Инспекторатот поднел кривична пријава против изведувачот како правно лице и против одговорното лице во правното лице. Поведена е и прекршочна постапка против изведувачот.

Препорака: Со оглед на големиот број несреќи на работно место во нашата земја и честите фатални исходи на несреќите на градежни локации, апелираме на брзо постапување на Државниот инспекторат за труд во сите случаи на повреда на работното место. Хелсиншки ја потенцира неопходноста од соодветно процесирање на овие случаи до останатите надлежни институции. Дополнително, го повикуваме ДИТ да ги презема сите соодветни инспекциски мерки во своја надлежност и да иницира кривични постапки против работодавачите кога за тоа има основа. Истовремено, апелираме до работодавачите доследно да ги почитуваат законите и правилниците со кои се обезбедуваат безбедни работни услови, како единствен начин да се превенираат вакви и слични инциденти.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

РАБОТЕЛЕ ЗА ВРЕМЕ НА ДРЖАВЕН ПРАЗНИК – ДИТ УТВРДИ НЕИСПЛАЌАЊЕ НА ДОДАТОК НА ПЛАТА

Хелсиншкиoт комитет за човекови права поднесе барање до Државниот инспекторат за труд за спроведување на вонреден инспекциски надзор во трговското друштво Панови Плус ДООЕЛ Пробиштип. Предмет на инспекцискиот надзор беше утврдување на несоодветна евиденција на полното работно време и неплатена работа за време на празник. По извршениот инспекциски надзор ДИТ констатира дека трговското друштво Панови плус ДООЕЛ работи на две локации, во еден од погоните не се води електронска евиденција на работното  време и работниците во текот на месец јуни работеле за време на државен празник. Работата не била евидентирана во месечните пресметки за плата, а со тоа и на работниците не им бил исплатен додаток за работа на празник согласно Законот за работни односи. Поради тоа, државниот инспектор за труд кој го спровел инспекцискиот надзор го задолжил работодавачот во определен рок да воведе електронска евиденција на работното време и на вработените да им исплати додаток за работа на празник за месец јуни согласно Законот за работни односи.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува ваквото постапување на Државниот инспекторат за труд и ќе продолжи да го следи случајот до целосно отстранување на неправилностите во трговското друштво. Апелираме до работодавачите да ги почитуваат работничките права и доследно да го применуваат Законот за работните односи. Воедно, и понатаму ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да ги пријавуваат прекршувањата на нивните работнички права, како прв чекор кон подобрување на состојбите.

 

ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

ОНЕВОЗМОЖУВАЊЕТО НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, НА ЕДНАКВА ОСНОВА СО ДРУГИТЕ, ДА ГИ КОРИСТАТ БАЗЕНИТЕ ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА, ПРЕТСТАВУВА ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во текот на месец септември, регистрираше случај пријавен од лице со телесна попреченост, на кое по сообраќајна несреќа му се ампутирани двете нозе.

Поради здравствената состојба во која пациентката се наоѓа, од страна на доктор-специјалист ѝ е препорачана медицинска рехабилитација во базен во ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација или во Градската општа болница 8ми септември. Поради тоа што крановите за користење на базените во овие здравствени установи не се во функција, таа била принудена да се рехабилитира во Катлановска Бања. Упатувањето на пациентката на рехабилитација надвор од заедницата во којашто живее, претставува уште една пречка во нејзиното и така веќе комплицирано и отежнато секојдневно функционирање, а истовремено претставува дополнителен финансиски трошок за неа.

Уставот на Република Северна Македонија му го гарантира правото на здравствена заштита на секој граѓанин (член 39). Понатаму, Универзалната декларација за човекови права гарантира дека секој има право на животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба, нему и на неговото семејство, вклучувајќи ја тука и лекарската нега (член 25).

Конвенцијата за правата на лица со попреченост, потпишана од Република Северна Македонија во 2007 година и ратификувана во 2011 година, гарантира дека сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право на еднаква заштита, без каква било дискриминација. Имајќи го ова предвид, државите-членки забрануваат секаква дискриминација врз основа на попреченост и им гарантираат на лицата со попреченост еднаква и ефикасна законска заштита од дискриминација врз секаква основа. Во насока на остварување на оваа цел, државите-членки треба да ги преземаат сите соодветни чекори за да обезбедат соодветно приспособување. Лицата со попреченост имаат право да живеат независно и во целост да учествуваат во сите аспекти на животот. Оттука, државите-членки има обврска да ги преземат сите соодветни мерки за да им обезбедат на лицата со попреченост пристап, на еднаква основа со другите, до здравствените установи наменети за рехабилитација. Дополнително, Конвенцијата предвидува дека државите-членки треба да преземат ефикасни и соодветни мерки во насока на организирање, зајакнување и опфаќање на обемни услуги и програми за хабилитација и рехабилитација на лицата со попреченост. Ова подразбира дека, во областа на здравството, државите-членки имаат обврска да обезбедуваат услуги и да спроведуваат програми коишто поддржуваат учество и вклученост во заедницата, во сите аспекти на општеството, притоа, тие да бидат на доброволна основа и расположливи за лицата со попреченост колку што е можно поблиску до нивните заедници.

Препорака: Лицата со попреченост имаат право, на еднаков начин со сите, да ги користат здравствените услуги, во конкретниов случај можноста за рехабилитација во базен во јавните здравствени установи. Оневозможувањето на лицата со попреченост, на еднаква основа со другите, да ги користат базените за рехабилитација, претставува директна дискриминација. Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација и до Градската општа болница 8ми септември со барање, во најкус можен рок да ги поправат крановите, односно да ги преземат основните мерки за обезбедување на пристап до базените за лицата со попреченост и на тој начин да ги отстранат моменталните дискриминаторски практики. Комитетот ќе продолжи да ја следи состојбата во овие две здравствени установи.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ОСТРА ОСУДА ЗА НОВИНАРИТЕ И МЕДИУМИТЕ КОИ ШИРАТ СЕКСИСТИЧКИ И ОМАЛОВАЖУВАЧКИ ГОВОР КОН ЖЕНИТЕ

Во извештајниот период Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе претставки до Советот за етика во медиумите против порталите expres.mk  и vistina.com.mk за вознемирување врз основа на пол и род.

Покрај сите апели до медиумите да не пренесуваат сексистички објави без критички да им се осврнат, одредени медиуми и новинари и самите се извор на вознемирувачки и мизогини изјави. Наместо да се борат против дискриминацијата и негативните појави во јавниот дискурс, тие директно придонесуваат за создавање атмосфера во која се исмева женското учество во јавниот живот и жените воопшто. Ваквото известување создава непријателска и понижувачка  средина за сите жени.

На фејсбук профилот на новинарот Љупчо Златев може да се прочита објавена порака[1] која е насочена кон специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која има за цел да го повреди нејзиното достоинство и да ја дескридитира нејзината професионалност користи шовинистички и мизоген говор. Споменувајќи го нејзиното место на живеење во негативен контекст со кој ја потенцира потчинетоста на жената, „малограѓанштината“ што наводно ја наметнала и насилството кое според него е типично за селска средина, новинарот со својот говор ги дискриминира сите жени кои не живеат или не потекнуваат од градска средина. Уште позагрижувачки е тоа што освен руралниот карактер на средината, се работи за средина во која живее албанско население, па така Златев индицира дека насилството врз жените е пракса во овие средини.

На слична линија се и написите во порталите expres.mk и vistina.com.mk со кои се коментира составот на кабинетот на новата министерка за финансии. По неприфатливите изјави на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ при изборот на Нина Ангеловска, овие медиуми пласираат омаловажувачки коментари за Ана Марија Макеска, координаторка за социјални медиуми и односи со јавност во Министерството за финансии. Коментирајќи го нејзиниот физички изглед со намера да ја дискредитираат нејзината професионалност, вршат дискриминација кон сите жени омаловажувајќи ги нивните работни способности.

Најостро ги осудуваме ваквите известувања и создавање на текстови и изјави кои жените ги ставаат во подредена позиција и го повредуваат начелото на рамноправност помеѓу мажот и жената.

Препорака:  Апелираме Советот за етика за медиумите и Здружението на новинари најостро да го осудат ваквото известување и ваквите изјави од новинарите, како и да повикаат на почитување на човековите права и слободи. Воедно апелираме за што е можно поитно избирање на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која согласно своите законски овластувања, ќе може по службена должност да поведе постапка за заштита од дискриминација и да утврди вознемирување врз основа на пол и род.

 

ВОЗНЕМИРУВАЧКА, СЕКСИСТИЧКА И МИЗОГИНА ИЗЈАВА НА ПОТПАРОЛОТ НА ВМРО ДПМНЕ

Хелсиншкиот комитет заедно со останатите членки на Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осуди шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски, насочена кон министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На фејсбук профилот на портпаролот, може да се прочита објава од 3.9.2019, која изобилува со пораки што претставуваат вознемирување врз основа на  род, ширење мизогинија и сексизам и зацврстување на стереотипите околу учеството на жените во политичкиот и јавниот живот. Служејќи се со примитивен и омаловажувачки говор, во обидот да се дискредитира министерката за финансии, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ ја претставува Министерката како наводно промискуитетна и неспособна жена, чија „вистинска” задача е да ги задоволи сексуалните потреби на мажите политичари, што претставува сеприсутен сексистички стереотип за професионално реализираните жени во сите општествени сфери.

Од една страна ваквите изјави имаат негативно влијание кон јавното мнение, особено кога доаѓаат од страна на портпаролот на најголемата опозициска партија. Од друга страна, со вакви изјави се создава непријателска и понижувачка средина за женското учество во јавниот живот, се повредува достоинството и се навредуваат жените.

Мажите политичари треба да бидат активни партнери, поддржувачи и промотори за вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот и за воспоставување на родова еднаквост во сите општествени сфери.

Повторуваме дека местото на жената е секаде каде што таа сака да биде, политичката моќ им припаѓа на жените, исто како што грижата за семејството им припаѓа на мажите. Женското учество во јавниот живот е предуслов за развој, благосостојба и демократија.

Од тие причини го повикуваме портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски да упати јавно извинување за својата шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава.

Препорака: Апелираме до медиумите да не ги пренесуваат, без критички коментар, ваквите сензационалистички и сексистички објави со кои се врши вознемирување и повреда на достоинството на жените и се потхрануваат родовите стереотипи.

[1] https://www.facebook.com/lzlatev/posts/2693815953985184

Документи