Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2014 година
мај 10, 2015
Една од основните активности на Хелсиншкиот комитет е набљудување на судските постапки ширум државата, особено од кривичната и граѓанската област. Во текот на 2014 година беа набљудувани десетици предмети, за време на неколку стотини судски рочишта. Дополнително, преку својата програма за бесплатна правна помош, Хелсиншкиот комитет беше во можност да разгледува и постапува по голем број на судски предмети, вклучително и оние што се водат пред Управниот суд.
Како и изминатата година, така и 2014 година ја карактеризираше селективната правда преку очигледно вмешување на извршната во судската власт и прогонот на неистомисленици и критичари на власта. Судството не успеа да се издигне над ваквите притисоци и во одредени случаи, преку определување притвор во случаи каде што можеше да се определат алтернативни мерки, и самото придонесе кон генералното чувство дека некои судски постапки се само формална завршница на однапред смислено сценарио на извршната власт. Ова особено беше забележливо во судските предмети против Јован Вранишковски и припадници на Православната охридска архиепископија, новинарот Томислав Кежаровски, лекарот Дејан Ставриќ, претседателот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, директорите на неколку училишта во Гостивар и десетици лустрирани поранешни функционери и општественици како наводни соработници на комунистичкиот режим.
Постои сомневање за непристрасноста и независноста на судиите во речиси сите судови во државата, вклучително и на Управниот и Уставниот суд. Основните и апелациските судови во голем број случаи не го почитуваа принципот на судење во разумен рок, особено преку одолжување на објавувањето пресуди, а во некои случаи и преку петкратно надминување на законските рокови. Управниот суд продолжи зад затворени врати да ги потврдува решенијата за лустрација на Комисијата за верификација на фактите, а Уставниот суд ги затвори своите врати за камерите на медиумите и покрај тоа што, според Деловникот на судот, неговите седници се јавни. Особено загрижува фактот што во неколку свои пресуди новиот состав на Уставниот суд донесе одлуки што се дијаметрално спротивни на претходната практика на судот.