Годишен извештај за состојбата со говорот на омраза на локално ниво во градовите: Тетово, Битола и Штип за 2021 година
декември 22, 2021
Годишниот извештај за состојбата на говорот на омраза на локално ниво во градовите: Тетово, Битола и Штип за 2021 година претставува финална анализа за состојбата на говорот на омраза подготвена во рамките на проектот „Заедничка акција против говорот на омраза“. Проектот се однесува на следење на говорот на омраза во три локални заедници во Македонија и тоа: Тетово, Битола и Штип. Овој извештај се заснова на осуммесечен мониторинг на говорот на омраза на социјалните мрежи, следење и анализа на активностите на спортските навивачки групи, младинските движења и асоцијации, настаните од јавен карактер во општините, испишувањето графити, културни настани и сл. Во извештајот е даден посебен фокус на интернет-малтретирање преку презентација на наодите кои ги детектираат состојбите на локално ниво за овој феномен во трите града. Притоа се анализирани заклучоци и дадени препораки за системско препознавање, утврдување и решавање на проблемите кои предизвикуваат насилство, нетолеранција, нетрпеливост. Во извештајот, исто така, е издвоен посебен дел во кој е даден осврт на говорот на омраза помеѓу навивачките групи на локално ниво во трите града и во него се презентирани наоди, заклучоци и препораки. Во рамките на проектните активности, проектниот тим во соработка со локалните младински јадра лоцираше јавни површини со графити со говор на омраза и ги отстрани на тој начин што врз нив се испишани пораки за љубов, толеранција и разбирање. Во рамките на Проектот беше подготвена и спроведена мини онлајн кампања за зголемување на свеста и сензибилизација на општата јавност со главен фокус на младите за проблемот со говорот на омраза и предрасудите.