декември 10, 2021

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски се првите добитници на државната награда ,,Мето Јовановски”

На свеченост во Собранието на Република Северна Македонија, денеска им беше врачена државната награда за човекови права на укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Ова највисоко признание за остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права го носи името на првиот претседател и основач на Хелсиншкиот комитет за човекови права, писателот Мето Јовановски и ќе се доделува секоја година на 10 декември, Денот на човековите права.

Во име на Организациониот одбор за доделување на наградата ,,Мето Јовановски”, одлуката ја образложи извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска. Во продолжение е интегралниот текст од нејзиното обраќање:

 

Борбата за човекови права е невозможна без храброст, одлучност и преземање ризик. А борецот за човекови права мора да биде личност со интегритет, личност која е подготвена да преземе акција и по цена на нарушување на личната безбедност или позиција во општеството.

Токму затоа, со особено задоволство, ја соопштуваме одлуката за првите добитници на државната награда за човекови права ,,Мето Јовановски’’. Одборот за доделување на државната награда едногласно ги избра Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски за годинешни добитници на оваа награда, која годинава за првпат се доделува на Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември.

Во иницијативата поднесена од страна на новинарот Синиша Станковиќ за доделување на наградата на Лазаревски и Костовски е наведено дека нивната ,,повеќегодишна активност, со преземен голем ризик за нив и за нивните семејства, резултираше со позитивна промена за заштита на човековите права преку обелоденувањето на незаконското прислушување на десетици илјади македонски граѓани, што потоа имаше конкретни резултати преку реформи на безбедносниот систем под меѓународен мониторинг’’.

Овие долгогодишни службеници во Министерството за внатрешни работи, и двајцата врвни професионалци и наградувани за проекти поврзани со националната безбедност, откако дошле до сознанија за масовно кршење на човековите права со незаконско прислушување, во 2010 година започнале со обезбедување докази за нелегалните активности. И покрај опасноста и можните реперкусии врз нивниот живот, тие решаваат да станат ,,укажувачи’’ за овој голем криминал, со кој брутално се прекршуваат човековите права. Поради оваа активност,  Лазаревски и Костовски беа цел на оркестрирани напади, заплашувања кон нив и нивните семејства, а поминаа и период во затвор.

Разоткривањето на криминалот извршен во безбедносните институции беше потенциран и во Извештајот на Рајхард Прибе, каде е нагласено дека скандалот со прислушкувањето откри масовно прекршување на основните права, вклучително и правото да се учествува во јавните работи и правото на глас, правото на еднаков пристап до јавните услуги, правото на приватност и заштитата на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење.

Нивната лична жртва и одважност да се спротивстават нa овие операции насочени против граѓаните претставува висок морален чин. Лазаревски и Костовски се светол пример за сите кои што се во служба на државата. Со своите постапки тие јасно ја испратија пораката дека должноста секогаш треба да се врши во интерес на граѓаните, а не во корист на надредените моќници кои решиле да го искористат државниот апарат во функција на исполнување на лични криминални цели. Нивната професионалност и доследно почитување на Уставот, законите и човековите права на илјадници граѓани опфатени со прислушкувањето,   покрена низа општествени промени и реформи.

Во тоа конкретно време, и на тоа конкретно место, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски можеле едноставно да го изберат комфорот на молкот, како многумина други. Можеле да изберат безбедно вртење на главата на страна. Да потклекнат пред стравот од можните последици. За среќа, не секој е скроен да замижи пред неправда, пред злоупотреба, пред заробена држава. Не секој може да се помири без да се бори за промена.  А ние имаме граѓанска должност и чест да ги вреднуваме таквите борци, кои го понесуваат товарот во име на нашите права и слободи.

Во 2018 година, Лазаревски и Костовски ја добија Наградата за слобода на говор, за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широко распространетите кршења на човековите права, која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа и од Европскиот центар за права на укажувачите. Одборот за доделување на наградата ,,Мето Јовановски’’ смета дека овие двајца храбри укажувачи и бранители на човековите права треба да бидат наградени за своето дело и од својата матична држава и во име на граѓаните во чија заштита се вложиле целосно.

Им честитаме на првите добитници на највисокото признание во областа на човековите права и им благодариме за нивниот огромен придонес во борбата за подобро и поправедно општество.