мај 28, 2014

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2013 година

Извештајот за 2013 година претставува сублимат на работата на Комитетот во текот на целата година од аспект на следење на човековите права и слободи, а за кои известувавме во месечните извештаи. Оценката е дека и во 2013, како и во претходните неколку години, беа констатирани сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните, како и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава. Притоа, она што особено загрижува е дека регистрираните повреди на човековите права и слободи укажуваат не само на системски проблеми во функционирањето на органите и институциите, туку и на злоупотреба на нивните надлежности. Годишниот извештај претставува сублимат на анализи за констатираните состојби со човековите права во следните области: судство, законодавство, полициско постапување, затворени установи, дискриминација, кривични дела сторени од омраза, економски и социјални права, права на детето, граѓански и политички права и слободи и ЛГБТИ заедница.

Од работата на Комитетот како набљудувач на судски постапки се констатирани следните системски недоследности: повреда на пресумпцијата на невиност; праксата на изрекување на колективни, идентични и стереотипни решенија за притвор; непретставување на составот на судскиот совет; непочитување на решенијата на Претседателот на Врховниот суд за снимање на главните расправи; исклучување на јавноста при распит на загрозен/заштитен сведок и надминување на роковите за изготвување пресуди; повреда на правото на судење во разумен рок; надминување на роковите за објава и изготвување пресуди. Хелсиншкиот комитет на РМ го издвојува случајот на Мартин Нешковски поради неефективната истрага во врска со убиството од страна на полицијата и Јавното обвинителство, како и одбивањето на судовите да спроведат судска постапка. Поради таа причина, Хелсиншкиот комитет состави жалба која беше испратена до Европскиот суд за човекови права. Од аспект на иницијативите до и решенијата на Устанивот суд, Хелсиншкиот комитет на РМ со жалење констатира дека при работата на судот се нарушува принципот на поделба на власта и се нарушува независноста на судскиот систем од извршната власт. Имено, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на т.н. Закон за лустрација, со што му даде легитимитет на несомнено најнеуставниот закон кој кога било бил усвоен во Македонија.

Хелсиншкиот комитет ја потенцира нагласената употреба на скратената постапка со која се избегнува учеството на стручната јавност, особено кога предложените закони се недоволно разработени и содржат премногу новини. Ваков е случајот со Законот за правосудниот испит, каде се користат решенија кои не одговараат на нашиот правен систем. На таа линија на критика кон процесот на донесување закони по скратена постапка, се издвојува и донесувањето на Законот за прекинување на бременоста.

Во однос на затворените институции, значајно е да се напомене дека мерката притвор и решенијата за продолжување на притворот понекогаш се користат како казнена мерка или како метод на заплашување, што беше потврдено и во случајот „Змиско око“, во кој Хелсиншкиот комитет за човекови права ги застапуваше обвинетите пред Судот во Стразбур, каде ваквата македонска пракса беше окарактеризирана како спротивна на Европската конвенција за човекови права.

Според пристигнатите претставки, Хелсиншкиот комитет констатира дека во текот на целата 2013 година најзастапена беше дискриминацијата врз основа на политичка припадност, етничката припадност кон ромската заедница и дискриминацијата по основ на сексуална ориентација. Во текот на 2013 година Хелсиншкиот комитет за човекови права забележа 116 сторени дела од омраза. Околу 84 % од делата од омраза се случиле поради различната етничка припадност на жртвата. Изминатата година, делата од омраза каде сексуалната ориентација и родовиот идентитет се појавуваат како мотив, се втори на листата од пријавените случаи и статистиката која ја води Хелсиншкиот комитет.  Но, и покрај хомофобичното насилство во неколку случаи, институциите потфрлија во соодветна реакција. Дополнително отежнувачки е што сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет не се изречно предвидени како основа за дискриминација, а судовите и Комисијата за заштита од дискриминација не ја применуваат како основа ниту индиректно во Законот за заштита од дискриминација, иако на тоа ги обврзува европското законодавство во оваа област.

Хелсиншкиот комитет не констатира напредок ниту во делот на економските и социјалните права, иако во јавноста се добива впечаток дека постои нивно унапредување, особено во делот на правата од социјалната заштита, правото на вработување, правото на здравствена заштита. Во однос на правото на здружување и слобода на изразување преку форма на протест или јавен собир, Комитетот проследи неколку протести каде што полицијата реагираше ненавремено или непрофесионално, и утврди прекршување или обиди за смеќавање на јавен собир, што посочува на практиката на рестрикција на уставно загарантираното право на протест.

Документи