мај 21, 2014

Насилни протести во Ѓорче Петров

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги следи состојбите кои во изминатите два дена ескалираа со немири во населбата Ѓорче Петров и изразува сериозна загриженост за ескалацијата на омраза на етничка основа како резултат на убиството младиот Ангел Петковски.

Деновиве се потсетуваме и на случајот на Мухамед Али Јашари кој го загуби животот во обид да го заштити својот другар Дарко од насилство на група млади луѓе во училиште „Здравко Цветковски – ГУЦ“. Тековните настани не потсетуваат и на бројните повреди при физички пресметки кои Комитетот секојдневно ги следи помеѓу младите луѓе, а се резултат на вкоренета меѓусебна омраза врз основа на етничка припадност.

Комитетот во изминатите две години постојано апелира дека насилството помеѓу младите и омразата ескалираат и не се забележуваат тенденции на опаѓање. Напротив, бројот на инциденти, насилство и телесни повреди помеѓу младите од албанската и македонската етничка заедница се во пораст.

Хелсиншкиот комитет ги набљудуваше насилните протести во текот на вчерашниот ден и констатира како и до сега дека и во оваа прилика иницијатори за овие настани се младите луѓе меѓу кои и малолетни лица. Иако полицијата во најголем дел соодветно се справуваше со разгневената толпа, од страна на неколкумина новинари комитетот беше известен за одземање на фото и видео материјал сочинети за време на протестите. Ваквото постапување во моментот на приведување на неколку учесници од протестот е флагрантно прекршување на членот 16 од Уставот на РМ преку кој се гарантира слободата на јавното информирање, примање и пренесување на информации и се забранува цензурата. Комитетот укажува дека ваквото однесување на полицијата кон медиумите се повторува, а последен пат беше забележано при протестите за заштита на паркот Бристол. Комитетот уште еднаш потсетува дека не се исполнети условите од член 57 од Законот за полиција бидејќи во него се утврдува дека вакво одземање може да се случи само со наредба на суд или кога за тоа постојат основи за сомневање дека се работи за предмет на кривично дело, прекршок или имотна корист прибавена со кривично дело или прекршок кој може да служи како доказ во постапката, заради заштита на општата безбедност или на лице на кое привремено му е ограничена слободата на движење, а поседува или може да употреби предмет за самоповредување, напад или бегство.

Впрочем, во конкретниот случај се работи за своеволно уништување на лична сопственост без за тоа да постои судска одлука.

Омразата која беше забележана на протестите, а еднакво застапена и кај младата и постарата популација но и сериозни повици за насилство врз албанската заедница што може да претставува основа за вложување на и онака кревките меѓуетнички односи.

Комитетот потсетува дека малкуте апели за смирување на тензиите од страна на носителите на извршната власт очигледно но не придонесуваат за спречување на меѓуетничкото насилство. Република Македонија не се справи соодветно со последиците од конфликтот во 2001 година и не презема активности за помирување и зближување на двете заедници, а особено кога станува збор за младите и нивното воспитување и образование во духот на соживот и толеранција наспроти изразениот национализам и пропаганда што се провлекува во училиштата, јавниот простор и семејството.

Помирувањето нема да се случи се додека носителите на јавни функции без оглед на нивната етничка припадност одбиваат заеднички да се издигнат над своите партиски интереси и продолжуваат со националистичката пропаганда која единствено резултира со постигнување на краткорочни политички цели.