Ефикасна кривична правда: преглед на предметите иницирани од СЈО
Длабоката политичка криза што настана во Република Северна Македонија, проследена со континуирана дисфункционалност на редовното Јавно обвинителство, но и наметнатите политички влијанија врз него беа главна причина во 2015 година да биде формирано посебно ад хок тело кое ќе има улога да ја санира дотогашната „штета“ од повеќегодишната, општоприфатена политика и практика на неказнивост, а особено на високите политички елити и функционери во државата. По случувањата во Специјалното јавно обвинителство во август 2019 година, кои кулминираа со апсење на Специјалниот јавен обвинител и покренување обвинение за извршени две кривични дела – примање награда за противзаконито влијание и злоупотреба на службена положба и овластување, СЈО де факто престана да постои, а надлежностите беа „префрлени“ на редовното Јавно обвинителство. Тргнувајќи од релевантноста на проблемот, кој е централно прашање на оваа анализа –ефикасноста на кривичната правда, се поставува прашањето за капацитетите на судот за водење на овие постапки, односно што е тоа што остава впечаток за јавноста, стручна и лаичка, дека правдата не е задоволена.
Продолжувајќи ја својата заложба за надгледување и учество воспроведувањето на квалитетни, инклузивни и транспарентни реформи, граѓанските организации кои работат во областа на правосудството и се дел од Блупринт групата за реформи во правосудството ја направија оваа анализа која ја опфаќа динамиката на водење на предметите на СЈО пред Кривичниот суд Скопје, давајќи осврт на капацитетите на судот и Јавното обвинителство, воедно анализирајќи ги законските измени во Кривичниот законик кои имаат потенцијален ефект врз дел од предметите кои беа поведени од СЈО.
Блупринт групата за следење на реформите во правосудството ја сочинуваат Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“, Македонското здружение на млади правници, Институтот за европски политики, Центарот за правни истражувањаи анализи и Фондацијата Отворено општество – Македонија.