Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза

декември 20, 2024

Во денешниот дигитален свет, социјалните медиуми играат централна улога во креирањето, дистрибуцијата и консумирањето на информации. Сепак, оваа дигитална револуција донесе и сериозни предизвици, особено во контекст на регулирањето на содржините што се објавуваат онлајн. Прашањата за одговорноста на платформите за кориснички содржини се сè поактуелни, бидејќи социјалните медиуми стануваат главно бојно поле за ширење дезинформации, говор на омраза и други форми на злоупотреба.

Во контекст на младите, кои се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи, прашањето за медиумската писменост е клучно. Истражувањата покажуваат дека младите се ранливи на дезинформации и говор на омраза, што укажува на потребата од поголема едукација за критичко размислување и одговорно користење на дигиталните платформи. Исто така, постојат и глобални иницијативи за регулација на онлајн содржините, како што се Европскиот акт за дигитални услуги (DSA) и други меѓународни и регионални политики, кои имаат за цел да создадат баланс меѓу слободата на изразување и заштитата од злоупотреби.

Во 2024 година, Хелсиншки комитет спроведе истражување поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците[i], во кое 49% од испитаниците посочиле дека не добиле формално образование за медиумска писменост, 19,5% од испитаниците посочиле дека не се запознаени со механизмите што постојат за известување и борбата против лажни вести и дезинформации на одредени онлајн платформи, а 60% од испитаниците сметаат дека образованието за медиумска писменост треба да биде задолжителен дел од училишната програма.

Сепак, во една лавина од информации и размени во онлајн просторот и на социјалните мрежи, покрај говорот на омраза кој се шири преку објавите од приватните профили, интернет порталите подзабораваат за обврската за модерирање на коментарите кои преставуваат ширење на говор на омраза, омаловажување и повикување на насилство кон одредени групи.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија” од 2015 година е преседан кој ја отвори оваа дискусија, поставувајќи го прашањето: До кој степен треба да бидат одговорни интернет порталите за содржината што ја објавуваат нивните корисници?

Насловна страница: Институт за медиуми и анализа (ИМА)

 

Во продолжение е целата анализа