Затворена седница на Уставниот суд и контра-протест
Денес, 15 март 2016 година, на веб страницата на Уставниот суд беше дополнето известувањето за одржувањето на утрешната 7-ма седница на Судот. Според известувањето, Уставниот суд наводно одлучил седницата да биде затворена за јавноста. Според Член 83 од Деловникот на Уставниот суд работата на Судот е јавна. Членот 85 утврдува дека јавноста може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштитата на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот.
Упатуваме јавен повик до претседателката на Уставниот суд да даде образложение поради која причина и на кој начин е донесена одлуката за исклучување на јавноста за време на утрешната седница? Имајќи предвид дека за исклучувањето на јавноста одлучува Уставниот суд, односно мнозинството на уставни судии, прашуваме дали и кога е одржан работен состанок на уставните судии за утврдување на постоењето на оправдани причини за затворање на седницата и донесување на ваква недемократска одлука или таа е донесена самоволно од страна на претседателката, некој од другите судии, или вработени во Судот?
Сметаме дека Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа. Потсетуваме дека претседателката на Уставниот суд во јуни 2014 донесе усна одлука со која на медиумите им забрани аудио-визуелно снимање на седниците на Уставниот суд. Со денешната одлука, Уставниот суд целосно се затвора за јавноста, што е спротивно на принципите на демократијата и владеењето на правото.
Во моментов набљудувачи на Хелсиншкиот комитет присутни пред и околу зградата на Уставниот суд информираат дека таму се собрани стотици граѓани што се потпишуваат на списоци и на кои им се делат сендвичи и пијалоци. Очигледна е намерата на овие граѓани да го спречат или смеќаваат одржувањето на уредно пријавениот мирен јавен собир пред Уставниот суд во текот на денешниот и утрешниот ден. Хелсиншкиот комитет укажува дека ваквиот вид на контра-протест на таа локација и во тој временски период е недозволив, а доколку биде спроведен граѓаните што во него учествуваат ризикуваат сторување на кривичното дело Спречување или смеќавање јавен собир од Член 155 од Кривичниот законик. Санкцијата, предвидена за ова дело, е парична казна или затвор до една година.
Ги повикуваме сите граѓани што се повикани или своеволно упатени на контра-протест да се воздржат од ваквата активност и своето незадоволство да го искажат на друга локација од онаа пријавена за одржување на денешниот и утрешниот јавен собир. Апелираме политичките партии да се воздржат од користење на говор на омраза на политичка или било која друга основа и да не ги користат граѓаните за нивните политички интереси и цели.