март 15, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 07.03.2016 – 13.03.2016 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 07.03.2016 – 13.03.2016 година.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во текот на оваа седмица, издадени се 132 потврди за искажана намера за поднесување барање за азил, единствено на 07.03.2016. Во остатокот од седмицата не е издадена ниту една потврда поради официјално затворање на Балканската рута за бегалците. Ваквата одлука беше донесена на самитот помеѓу земјите на Европска унија и Турција кој се одржа на 07.03.2016 во Брисел. Таму, дополнително беа предложени мерки за решавање на бегалската криза, во кои главните носители на акција ќе бидат Турција и Грција[1].

Во кампот се донесени 4 нови контејнери во кои ќе бидат поставени шалтери за регистрација.

Институционално постапување

Во почетокот на седмицата, бегалците кои неколку дена беа во шаторот пред кампот (пренесени од Табановце), во неколку наврати и помали групи од по 40 луѓе беа депортирани кон грчката страна. До 13.03.2016 во кампот беа згрижени 12 луѓе. На 13.03.2016, 18 бегалци беа донесени со воз од Табановце (од групата во меѓу-граничниот простор), од кои 9 биле пропуштени кон грчката страна, по нивна желба. Со тоа, во кампот бројката на бегалци кои престојуваат се искачи на 21.

На 10.03.2016 година, во кампот оствари посета Викторија Нуланд, американска помошничка државен секретар за Европа и Евроазија.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Во кампот повеќе од една недела се сместени околу 1000 бегалци. Исполнети се сите капацитети на кампот, а бегалци се сместени и во објектот наменет за кујна. Донесени се уште неколку нови контејнери, наменети за сместување.

Во кампот се монтирани 4 шатори наменети за згрижување на бегалците од меѓу- граничниот дел, каде што ќе бидат сместени жени и деца, по нивна волја.

Институционално постапување

На 07.03.2016 година, во Табановце пристигна воз со бегалски групи од Сирија и Ирак, кои веднаш продолжија кон српската граница. Поради затворањето на границите, тие не беа пропуштени поради што околу 430 бегалци останаа во меѓу- граничниот простор. Поради лоши временски услови, во текот на наредните денови значително се влошија условите во кои тие престојуваат. Камперски шатори се поставени во поле, а од обилните врнежи од дожд, поголем дел од нив беа поплавени и во кал. Во знак на протест, бегалците од меѓу- граничниот простор во одредени денови одбиваа донации од облека и храна, како и медицинска помош. Тие немаат пристап до тоалети. После неколку дена престој на вакви услови, веќе се забележува нарушено здравје кај повеќе од нив.

Околу 50 од бегалците во меѓу- граничниот простор се згрижени во нови шатори во кампот. Останатите одбиваа да се засолнат во кампот, во знак на протест. При крајот на неделата, во меѓу- граничниот простор беа однесени агрегати, со цел да можат да користат струја.

На 11.03.2016 година, во утринските часови во товарен воз за Србија биле пронајдени 46 бегалци од Мароко, Иран и Авганистан.

На 13.03.2016, група од 18 бегалци од меѓу- граничниот простор кои доброволно се пријавиле, со воз се пренесени во кампот во Гевгелија, каде што се згрижени.

Загрижувачки е тоа што неколку бегалци во кампот кои се изјасниле дека сакаат да побараат азил во државата, но тоа не им било овозможено од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи кои се присутни на терен. Тие се служеле со изговори дека нема формулари, не се тука надлежните лица за азил и слично.

Хелсиншкиот комитет остро реагира на ваквата пракса, која е неприфатлива и го крши правото на барање на азил на бегалците. Хелсиншкиот комитет ургира итно и неодложно да се процесираат барања за азил на бегалците кои сакаат да побараат.

Проблеми се јавуваат кога бегалците сакаат да подигнат парични средства испратени од нивни роднини. Нив не им е овозможено, организирано да патуваат до Куманово за да подигнат парични средства од банка (или преку Western Union).

Хелсиншкиот комитет апелира да се пронајде решение како организирано да се спроведуваат или придружуваат бегалците од кампот кои сакаат да подигнат парични средства.

Жителите на околните села им продаваат алкохол на бегалците во кампот, па тие често во алкохолизирана состојба, предизвикуваат тепачки и расправии во кампот. Во неколку случаи, полицијата беше принудена да интервенира во разделување на групи (Авганистанци) кои меѓусебно се расправаа и физички се пресметуваа.

Документи