март 22, 2022

Владата и пратениците ги извисија трансродовите луѓе

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија одржа прес конференција на која изрази незадоволство заради одлуката на Владата на РСМ за повлекување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција еден ден пред да биде разгледан на собрaниска комисија за политички систем. Паралелно, деновиве во медиумите се шират голем број лажни вести и се споделуваат изјави од политичари кои не се базираат на точни информации.

,,Загрижува фактот што најгласните противници на овој закон очигледно го немаат прочитано предлог-законот. Доколку истите го прочитале, одговорите на нивните прашања и дилеми ќе ги нашле токму во предлог законот. Законот гарантира заштита на бракот, вклучувајќи задолжителен развод на брак пред да се бара измена на податокот за пол. Законот изрично вели: уредување на постапката во сите области којшто ќе бидат засегнати од промената на податокот за пол. Дури потоа, на крај, лицето кое што бара промена на податокот за пол потпишува изјава заверена на нотар. Во изјавата лицето јасно укажува дека промената ја прави заради усогласување на родовиот идентитет со ознаката за пол во матична евиденција и дека истата ја дава под морална, кривична и материјална одговорност дека тоа не го прави со цел да избегне договорна, законска или каква било друга обврска.’’ – изјави Наташа Бошкова од НМХТ.

,,Кажувањата дека со усвојувањето на предлог-законот се злоупотребуваат законите за извршување на санкции, законите за искористување на правото на пензија не се точни, затоа што самиот предло-закон има гаранција дека граѓаните кои ќе пристапат до правно признавање на родот  не можат тоа да го злоупотребат’’, дополни Бошкова и нагласи дека овој закон седи во Собрание веќе една година и дека воопшто не се одржа јавна расправа на која ќе се посочат овие аргументи и ќе се одговори дали овие стравови на пратениците се оправдани или се резултат на длабоко вкоренета трансфобија.

,,Загрижени сме за ширењето на паника дека овој закон може да придонесе до широка злоупотреба, без притоа да се провери праксата во земјите каде овие закони се во сила веќе долго време и каде злоупотреба на правното признавање на родот досега не е утврдена’’ – изјави Лила Милиќ, која нагласи дека анализите спроведени од страна на Европската комисија во земјите кои имаат слични и послободни закони од  овој предлог-закон, покажуваат дека спроведувањето на ваквото законско решение придонесува кон подобрување на пристапот до образование, вработување, домување и здравство на трансродовите луѓе. Анализите потврдуваат дека трансродовите луѓе со усогласени документи многу повеќе го остваруваат својот потенцијал и со тоа позитивно придонесуваат кон развојот на целото општество.

Во меѓувреме,  повеќе од 10 луѓе го имаат променето податокот за пол, односно веќе се спроведуваат процедури врз основа на добиената пресуда во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ,,Икс против Македонија’’. НМХТ ќе продолжи да бара правна заштита за овие луѓе во државата и со нови апликации до ЕСЧП, каде што државата ќе продолжи да плаќа и надомест на штета за повредите којшто ги сторува на овие луѓе децении наназад.

Од сите овие причини, НМХТ бара Законот за матична евиденција повторно да се врати во собраниските процедури и да биде што е можно поскоро усвоен од страна на пратенците. Спроведувањето на овој закон нема буџетски импликации, ниту пак какви било други негативни влијанија за општата јавност. Едноставно, има само позитивни ефекти за трансродовите лица кои сакаат да ги усогласат своите лични документи, што е во насока на стратешките определби на нашата земја да изгради општество еднакво за сите и со развојните политики никој да не биде изоставен.