август 7, 2018

Утврдено неисплаќање на прекувремена работа во конфекција во Ресен

По поднесено барање за вонреден инспекциски надзор од страна на Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд – ПЕ Ресен, утврди недостатоци и неправилности во работењето на текстилната фабрика ХАТЕКС ДОО Ресен, во поглед на неплатена прекувремена работа. Во донесеното решение по извршениот инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд – ПЕ Ресен, утврдил дека во спомената фабрика се врши прекувремена работа во сабота, прекувремената работа се евидентира, но не се исплаќа согласно закон. Инспекторатот со решение го задолжил работодавачот во рок од 30 дена од доставата на решението да им ја исплати прекувремената работа на 170 вработени во фабриката. Ова е прва постапка за вонреденен инспекциски надзор, иницирана од страна на Хелсиншкиот комитет, во која се утврдени неправилности во смисла на неплатена прекувремена работа во текстилната индустрија. Ја поздравуваме ваквата одлука на Државниот инспекторат за труд и ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да пријавуваат неплаќање на прекувремената работа.