Условен отпуст и електронски надзор во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица
ноември 30, 2024

На 29 ноември, во Прилеп се одржа регионален настан на тема „Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“, во организација на Македонско здружение на млади правници и СТАНИЦА ПЕТ.
На настанот се дискутираше за состојбата со примената на институтот условен отпуст и претставниците на институциите кои се дел од проектот ги споделија предизвиците, проблемите и предлог решенијата.
Александра Трајановска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека пробацискиот систем во Северна Македонија значително придонесува за почитување на човековите права, нудејќи хумана алтернатива на затворањето што често вклучува пренатрупани и супстандардни затворски услови.
„Со фокусирање на рехабилитација, реинтеграција и индивидуализирана поддршка, изрекувањето на алтернативните мерки помага да се зачуваат достоинството и правата на прекршителите, особено нивното право на лична слобода и фер третман. Дополнително, пробациските служби се усогласуваат со меѓународните стандарди за човекови права со намалување на несразмерното влијание на затворската казна врз ранливите групи, како што се оние со проблеми со менталното здравје или социо-економските неповолности. Овој пристап не само што ја поддржува реинтеграцијата на престапниците во општеството, туку и ја зајакнува безбедноста на заедницата, балансирајќи ги индивидуалните права со јавната благосостојба“, рече Трајановска.
Во 2021 година беше изработена Стратегијата за развој на пробациска служба во РСМ 2021 – 2025 (во натамошниот текст: Стратегијата), која предвидува широк спектар на резултати што треба да се постигнат од страна на повеќе надлежни институции. Стратегијата претставува еден сеопфатен стратешки документ кој дава патоказ за реформите што треба да се направат во наредниот период. Досега во рамките на проектот се изработени две анализи првата за период 2021 – 2022 година а втората за 2023 година, а исто така се планира анализа и на 2024 година.
Набљудувањето, како независен систем за мониторинг, има за цел да придонесе кон поголема отчетност на надлежните институции кои се одговорни за спроведување на конкретните активности утврдени во Стратегијата.
Фокусот на следењето се четири теми, и тоа:
- Легислатива – Законска рамка во полето на извршувањето на алтернативни санкции и мерки;
- Институционална рамка – Институционална рамка за функционирање на пробациската служба – функционални канцеларии;
- Постапување – Унапредување на постапувањето и зголемување на бројот на алтернативни мерки и санкции;
- Меѓуинституционална соработка во полето на пробација.
Современата кривична правда има за цел да ја намали пренатрупаноста на затворската популација, како и да придонесе кон ресоцијализација и рехабилитација на сторителите на кривични дела. Со цел да се оствари овој резултат, потребен е континуиран развој на пробациската служба, која претставува иднината на затворскиот систем.
Иако не постои совршен механизам за решавање на состојбата со пренатрупаноста на затворската популација, која е на загрижувачка ниво, Стратегијата претставува добра појдовна основа која може да се придонесе кон општо реформирање на казненопоправниот систем како целина и кон намалување на пренатрупаноста на затворите. Со оглед на тоа што Стратегијата завршува во 2025 година, не треба да оставиме простор како што обично се случува за донесување навремено нова стратегија за периодот што следи во која уште по детално ќе бидат опишани следните активности и резултати кои треба да се остварат за натамошно развовање на пробациската служба како иднина на правосудниот систем.
Она што можеме да заклучиме е дека е потребно сите релевантни чинители (Министерство за правда, Влада, судии, јавни обвинители, правосудна полиција, пробациски службеници, затворските службеници итн.) да бидат особено посветени, отчетни и одговорни кога станува збор за исполнување на предвидените резултати на Стратегијата, затоа што со натамошно развивање на пробациската служба може да се придонесе кон намалувањето на пренатрупноста во затворскиот систем, истовремено давајќи соодветни казни на прекршителите, предизвикувајќи ги да го променат нивниот начин на живот.