Сите поединци да придонесат за спречувањето на говорот на омраза и меѓуетничката нетрпеливост

декември 3, 2024

 

Случувањата на прославата на Денот на албанското знаме, вечерта на 28 ноември, предизвикаа  видлива поларизација, зголемен говор на омраза  и етничка нетрпеливост.  Имено, беше забележано дивеење со автомобили низ улиците на Скопје и се  слушаа рафали од огнено оружје што предизвика вознемиренист кај граѓаните, кое што понатаму се преточи во искажување на нетрпеливост со меѓуетнички предзнак. Етничката нетрпеливост кулминираше по објавувањето на снимениот материјал на кој што беше прикажано уништувањето на државното македонско, а потоа и на албанското знаме.

На социјалните мрежи се забележа енормно зголемување на говорот на омраза кое што имаше тенденција да поттикне насилство.

Не е првпат инцидентите од ваков вид да предизвикаат меѓуетничка тензија помеѓу различните етнички заедници. Во едно општество како нашето кое е препознатливо по својата мултиетничка, мултиконфесионална  и мултикултурна разноликост,  секогаш постои опасност од разгорување на меѓуетничката нетолеранција, која што, се разбира, секогаш е производ не само на инциденти на поединци, туку и на говорот на омраза.

Хелсиншкиот комитет за човекови права не случајно, со години наназад, го следи овој феномен, имајќи ја предвид неговата сериозност од аспект на тоа дека тој на крајот, најчесто предизвикаува кривични дела и инциденти од омраза.

Од тие причини, обраќањата на Хелсиншкиот комитет до јавноста имаат за цел да предупредат на последиците  од говорот на омраза  особено во случувања што имаат етничка позадина. Неопходно е да се истакне дека во конкретните случувања,  дејствувањето на поединци не може и не смее да се третира како дело на цела една заедница и последователно тоа да доведе до омраза и нетрпеливост кон  таа етничката заедница.

Говорот на омраза е воедно поттикнат од политички субјекти и чинители.  Хелсиншкиот комитет апелира дека не треба да има место за ваков тип на говор и инструментализирање на меѓуетничките односи во политичкиот дискурс и дејствување, бидејќи како држава и општество имаме вложено навистина многу труд и напор да достигнеме пристојно ниво на соживот.

Хелсиншкиот комитет смета дека во вакви деликатни моменти, секој поединец, особено оние кои се активни чинители во јавниот живот, имаат обврска да внимаваат во изнесувањето на своите ставови и мислења  за да се спречи понатамошното ширење на говорот на омраза и евентуалните кривични дела и инциденти од омраза.