мај 14, 2015

Информација за уапсени, приведени и притворени лица по протестите на 5 мај 2015 година

Од досегашните информации со кои располага Хелсиншкиот комитет, за периодот од 05.05.2015 година до 14.05.2015 година уапсени се вкупно 42 лица, од кои 12 лица се во притвор, 1 лице е во куќен притвор, 1 лице е во бегство, а за 3 лица се чека да бидат изведени пред судија на претходна постапка кој ќе одлучува дали ќе им определи притвор. Од притворените лица, 7 се студенти, од кои 2 лица се претставници на Студентскиот пленум.

Хелсиншкиот комитет на ден 09.05.2015 година беше контактиран од страна на членовите на “Студентски пленум” и членови на семејствата на притворените студенти кои учествувале на протестите на 05.05. 2015. Лицата се осомничени за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие (член 384 став 1 од Кривичниот законик). Казната за ова кривично дело е од 3 месеци до 3 години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки кои стојат на располагање за обезбедување на присуство.

Комитетот смета дека ваквите одлуки влијаат на ограничување на правото на протест, особено поради фактот што како причина за притворот е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести. Исто така,одлуките за притвор и за поведување на кривични постапки против студенти може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. За споредба, Комитетот имаше монитори на насилните протести против општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда.

Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека по побараните информации од страна на Министерството за внатрешни работи сме известени дека вчера, 13.05.2015 година се приведени 4 лица, од кои едно е пуштено поради тоа што е малолетно. Останатите 3 лица во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка поради сомнение дека сториле учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие.

Хелсиншкиот комитет бара судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерката притвор да го земат пердвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа оваа мерка, како и фактот што во најголем дел се работи за млади лица кои претходно немаат сторено кривично дело.