Стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани нема да ја унапреди безбедноста на лекарите и другите здравствени работници
април 2, 2024
Минатата недела се случи свирепо убиство на матичен лекар од Скопје во близина на неговата ординација во Поликлиниката Железара. Сите сме згрозени од овој настан и разбираме дека истиот сериозно влијае на чувството на небезбедност на медициснкиот кадар во државава на нивното работно место.
По повод овој кривично правен настан легитимно во јавноста имаше реакција Здружението на приватни лекари на Република Македонија, кои се обратија до надлежните со барање да го решат овој случај, но и да го подигнат нивото на безбедност на здравствените работници. И ние организациите кои сме дел од оваа Мрежа, ги поддржуваме барањата на матичните лекари до здравствените власти да се подигне нивото на безбедност во вршење на нивната работа.
Но, не можеме да поддржиме стигматизирачки и дискриминаторски говор од страна на претставници на оваа клучна фела. Имено во повеќе наврати преку националните и локални телевизии Претседателката на Здруженито на приватни лекари на Република Македонија изнесе ставови како цитираме:
„пациенти кои се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, пациенти со анксиозно депресивни состојби, биполарни растгројства“
„а имаме секакви пациенти, значи кај нас доминираат пациенти кои се тешки зависници, кои што психички се многу пореметени, кои што имаат тешки психички проблеми, имаме повратници од затвор кои што извршиле тешки дела..“[1]
„кај мене се јавуваат колеги од многу градови кои што се жалат дека им влегле зависници во работно време, агресивно делувале, влегле право кон шкафовите за врат се фатиле, вчера имав колега кој што ми пријави дека во Гевгелија многу често се случувало да им влезат во ординација и насилно да се однесуваат….кај нас влегуваат секаква структура на пациенти…имаме депресивни, агресивни, анксиозно депресивни, имаме шизофреничари, одредени дијагнози коишто самата болест ги тера да бидат такви…“[2]
„… а во тој народ има секакви, повторно ќе кажам бројот на пациенти кои се под антидепресиви, под седативи, имаме огромен број на пациенти кои што се зависници, значи кај нас секаква патологија се третира…кај нас има секакви пациенти, зависници, психички болни, нестабилни, во афективни состојби идат….“[3]
Ваквите ставови се стигматизирачки и се темелат на предрасуди кон луѓето со наведени карактеристики и изјава. Овие изјави очекувано е да ја продлабочат веќе постоечката дискриминаторска пракса помеѓу матичните лекари, преку која се ограничува пристапот до лекување на луѓе кои се соочуваат со зависности. За овие луѓе и досега беше предизвик да станат матични пациенти кај матичните лекари во државава, но после оваа дискриминаторска изјава очекувано е матичните лекари да не сакаат да примаат луѓе кои се соочуваат со зависност за свои пациенти, плашејќи се за својата безбедност.
Ограничувањето на пристап до матичен лекар за луѓе кои се соочуваат со зависност во изминатите две децении е документирано во многу случаи за кои преку механизмот на Отворено Владино Партнерство побарано е од надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки со цел да се надмине ваквата дискриминаторска пракса и да им се овозможи непречен пристап до здравствена заштита и на овие луѓе.
Неоправдано е голем број на луѓе со сериозни здравствени состојби и со потреба од непречен пристап до здравствени услуги да им биде ускратено ова право врз основа на предрасуда која се заснова исклучиво на стереотипите за овие групи на луѓе.
Затоа, преку оваа јавна реакција поддржуваме:
- Унапредување на безбедноста и сигурноста на матичните лекари и останатиот медицински кадар преку воспоставување на мерки кои ќе ја гарантираат нивната безбедност,
И бараме:
- Постапување со должно внимание и спроведување на целосна и темелна истрага како во конкретниот случај на убиство на матичниот лекар, така и во сите други случаи кога била загрозена безбедноста на работно место на медицинскиот персонал во здравствениот систем во државава со цел сторителите на вакви дела да бидат отркиени и изведени пред лицето на правдата,
- Прекинување на праксата на неказнивост на насилството врз здравствените работници и лекарите со цел испраќање на сите евентуални сторители дека насилството врз здравствени работници нема да се толерира,
Но, бараме и:
- Сензибилизација на лекарите и останатите здравствени работници со цел надминување на стигмата и предрасудите за пациенти кои се соочуваат со различни психички растројства вклучително и зависност од психоактивни супстанции но и други зависности со цел истите да не бидат исклучени од системот на здравствена заштита,
- Казнување на досегашната дискриминаторкса пракса за неприфаќање на пациенти кои се соочуваат со одредени психички состојби и зависности со цел надминување на ваквата незаконска пракса.
Лекувањето е право, а не привилегија!
[1] [1] https://24.mk/details/privatnite-matichni-lekari-vo-ponedelnik-od-12-do-16-chasot-nema-da-rabotat-poradi-ubistvoto-na-lekarot
[2] https://www.youtube.com/watch?v=RwyAYFeqfaI&ab_channel=%D0%A1%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%A2%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D0%B2%D0%B8%D0%B7%D0%B8%D1%98%D0%B0
[3] https://www.youtube.com/watch?v=6LbdOGp0JBc&ab_channel=TelevizijaStar