Скопје Прајд 2019 – солидарност, еднаквост, слобода
јули 1, 2019
Во саботата се одржа првата парада на гордоста во Скопје, во прекрасна атмосфера и со бројност која ги надмина нашите очекувања. Како одговор на големиот бран омраза кој го посведочивме во изминатиот период, повеќе од илјада луѓе излегоа на скопските улици за да ја дадат својата поддршка против насилството, стигматизацијата и неприфаќањето на ЛГБТИлуѓето.
На припадничките и припадниците на домашната ЛГБТИ заедница им се придружија многу граѓани, јавни личности, активисти од целиот регион, претставници на Собранието и Владата на Северна Република Македонија, амбасади и меѓународни организации за човекови права.
Маршот започна од паркот Жена Борец, а крајната дестинација беше во Градскиот Парк. На Школка се слушнаа инспиративни и емотивни говори на Кочо Андоновски и Биљана Гинова од ЛГБТИ Центарот за поддршка, Елена Петровска од ХЕРА, Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и координаторката на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, Маја Морачанин.
Првиот скопски Прајд доби широка поддршка од регионот, изразена во говорите на: Џени Карај-Тирана Прајд, Марко Михаиловиќ- Белград Прајд, Јасмина Кресојевиќ- Фем Слем Белград, Апостолис Карабаирис и Феврониа Киркмали од Солун Прајд и Рафиаил Билидас- Атина Прајд
Програмата ја водеа дрег-кралиците Линда Социалиста и Каја Мор, а во музичкиот дел настапи Тамара, со изведбата на Proud, како и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Кесма, Prince$$ Donatsu, Ајри Скреч, Ана Мало и Узун Баба.
Погледнете ја галеријата на фотографии која јасно илустрира дека овој настан е пресвртна точка во борбата за прифаќање, видливост и еднаквост на ЛГБТИ луѓето во нашата земја.