јули 1, 2019

Скопје Прајд 2019 – благодарност за поддршката и признание за институциите

Во саботата се одржа првата парада на гордоста во Скопје, во прекрасна атмосфера и со бројност која ги надмина нашите очекувања. Како одговор на големиот бран омраза кој го посведочивме во изминатиот период, повеќе од илјада луѓе излегоа на скопските улици за да ја дадат својата поддршка против насилството, стигматизацијата и неприфаќањето на ЛГБТИ луѓето. На припадничките и припадниците на домашната ЛГБТИ заедница им се придружија многу граѓани, јавни личности, активисти од целиот регион, претставници на Собранието и Владата на Република Северна Македонија, амбасади и меѓународни организации за човекови права. Маршот започна од паркот Жена Борец, а крајната дестинација беше во Градскиот Парк.

На Школка се слушнаа инспиративни и емотивни говори на Кочо Андоновски и Биљана Гинова од ЛГБТИ Центарот за поддршка, Елена Петровска од ХЕРА, Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и координаторката на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, Маја Морачанин. Првиот скопски Прајд доби широка поддршка од регионот, изразена во говорите на: Џени Карај-Тирана Прајд, Марко Михаиловиќ – Белград Прајд, Јасмина Кресојевиќ- Фем Слем Белград, Апостолис Карабаирис и Феврониа Киркмали од Солун Прајд и Рафиаил Билидас- Атина Прајд.

Во оваа прилика би сакале да му оддадеме јавно признание на Министерството за внатрешни работи за одличната соработка пред и во текот на одржувањето на Скопје Прајд
и за професионално извршената работа. МВР доследно ја спроведе својата превентивна улога во текот на настанот, без притоа да го наруши чувството на сигурност кај учесниците. Исто така, полицијата успешно спречила обид за напад врз активист во приградска населба во Скопје, по завршувањето на Скопје Прајд. Го охрабруваме министерството да продолжи да го следи говорот на омраза и соодветно да постапува. А посебен апел упатуваме до Јавното обвинителство, од кое очекуваме поенергична борба против овој феномен кој продуцира
и насилство.