март 31, 2020

Сексуалното вознемирување на работничките е честа пракса на работодавачите

Жените работнички неретко се соочуваат со полова и родова дискриминација како на работното место, така и при вработувањето. При вработувањето на жените често им се поставуваат прашања дали се мажени, дали имаат деца, дали планираат да формираат семејство, а тие се соочуваат и со несоодветни прашања и коментари кои не се поврзани со нивното работно искуство и образование. Огласите за работа иако е потребно да бидат родово неутрални, често се огласуваат за работни места за кои конкретно се бараат мажи или жени.

Во март во Хелсиншкиот комитет беше пријавен случај на сексуално вознемирување по аплицирање на  оглас за вработување на деловна секретарка на генерален директор во приватна фирма. На огласот се пријавиле две кандидатки кои ја испратиле потребната документација. Откако тие аплицирале на огласот, веднаш добиле повратен одговор од лицето кое се претставило како управител на фирмата. Коресподенцијата помеѓу кандидатките и управителот на фирмата се одвивала засебно, по пат на електронска пошта. Управителот на кандидатките најпрво им понудил да закажат термин за интервју, потоа им ги објаснил работните обврски, за на крај и на двете да им потврди дека се вработени. Тој на кандидатките освен што им потврдил дека се вработени, им понудил и повисока плата од онаа која била предвидена со огласот, а изрично им навел и дека работните задачи ќе ги извршуваат во неговата канцеларија.

На крајот од комуникацијата, како што навел, за да може да ги процени нивните квалитети, побарал од кандидатките на закажаните интервјуа да ги покажат своите организациски способности но и орални вештини. Од кажувањата на двете странки, под “орални вештини” управителот на фирмата не подразбирал работни вештини, туку истото го кажал во сексуална конотација, што било вознемирувачки за двете странки.

Случајот беше пријавен во Хелсиншкиот комитет за човекови права од страна на двете кандидатки, а за истиот е иницирана постапка пред Државниот инспекторат за труд.

Сексуално вознемирување значи секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер што претставува повреда на личното достоинство, особено кога предизвикува заплашување, одбивност, деградирање, понижување или навредливо однесување. [1]

Ваквиот вид на вознемирување кое неретко им се случува на жените на работните места или пак при вработувањето, претставува родово базирано насилство кое е сериозна повреда на фундаменталните човекови слободи и права, на дигнитетот на личноста и претставува дискриминација на жената само поради фактот дека е жена.

Според истражување спроведено од Реактор за родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија, значително повеќе жени (68%) се соочиле со дискриминација при вработување, за разлика од мажите (58%). Истото истражување наведува и дека од жртвите на сексуално вознемирување на работното место, 45% не го споделиле или пријавиле искуството; 29% кажале на пријател/ка или познаник/ка; а 20% го споделиле искуството со член на семејството. Помал процент го пријавиле искуството на поформална инстанца, односно 10% ги информирале претпоставените, 4% го пријавиле кај официјалиот механизам на работното место и 1% пријавиле во полиција. [2]

Ваквиот случај ја отсликува состојбата со жените на пазарот на трудот во Република Северна Македонија која останува на ниско ниво. Како една од причините за тоа се нееднаквите улоги на мажите и жените во општеството, а еден пример за тоа е третирањето на жените како сексуални објекти од страна на мажите работодавачи, кои на тој начин ги држат жените под контрола со употреба на закани и насилство и успеваат да го контролираат и нивниот економски статус.

Доколку сметате дека сте жртва на дискриминација, пријавете го вашиот случај во Хелсиншкиот комитет за човекови права на телефонскиот број 02/3119-073 и/или електронска пошта: helkom@mhc.org.mk.

 

#трудбездискриминација

 

 

[1] Закон за спречување и заштита од дискриминација член 10 став 2 (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/2019)

[2] Истражување на Реактор за родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија од 2019 година, достапно на: http://www.reactor.org.mk/CMS/Files/Publications/Documents/kwn-final-mk3.pdf?fbclid=IwAR1Paaujc-gf39-W584pIbn2lHsDF-hCJNwgMkYgM9UFhD6E25XZ_jOnZUI