ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС: РАБОТНИЧКИ И РАБОТНИЦИ ОБЕДИНЕТЕ СЕ! ЗАЕДНИЧКИ ВО БОРБА ЗА НАШИТЕ ПРАВА!
Најголемиот товар на кризата предизвикана од прогласената пандемија на COVID-19, повторно падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците. Помина повеќе од една година од пандемијата, а работничките и работниците, сиромашните, младите, жените и сите послаби општествени групи се оние што најмногу страдаа и ќе продолжат да страдаат. На глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4% од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери. Во Македонија, десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата. Многу повеќе останаа без примања, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите.
Минималната плата се зголеми за само 200 денари, иако најпогодени од кризата се токму работничките и работниците што работат за минималец. Наспроти тоа, Владата им даде 800 милиони евра на фирмите за справување со кризата и покрај тоа што тие грубо ја злоупотребуваат оваа државна финсиска помош. 20 000 работодавачи ја злоупотребија државната финансиска помош и не им ги исплаќаа платите или им исплаќаа плата под минималната на 67.000 работници. Коморите и организацијата на работодавачите беа задоволни од тоа што нивните барања биле прифатени од Владата при носење на економските мерки. За разлика од тоа, барањата на работниците пренесени преку нивните претставници не беа земени предвид. 17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“. Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните.
Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени. За споредба, во 2019 година овој број изнесува 2971. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Овие пет општини се всушност едни од општините каде што текстилната индустрија е најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. 6000 текстилни работнички се испратени на „принуден одмор“, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош, земајќи плата под минималната за овој период.
Работодавачите целосно ги занемарија прописите за заштита и безбедност при работа, што се покажа кобно за работничките и работниците, особено во текстилната индустрија создавајќи т.н. „текстилни кластери“, што резултираше со голем број заболени работнички и затворање на фабриките. Грубото и отворено непочитување на мерките и препораките за превенција и заштита од коронавирусот ги изложи работничките на сериозен ризик по своето здравје и живот.
Работниците со договори на дело, односно, прекарните работници – хонорарците, фриленсерите и слично, останаа надвор од заштитата на Законот за работните односи и без здравствено осигурување за време на најголемата здравствена криза. Работниците со договори за вработување на определено време се во постојана неизвесност, затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив и да ги остават без работа.
Недела е ден на неделен одмор за сите, но не и за работничките и работниците во државава. Надлежните власти ги ставија профитот и конзумеристичката култура пред принципите на правичност, безбедност и почитување на човековото достоинство на работникот, занемарувајќи ја потребата за неделен одмор на сите работници како дел од поширокиот концепт на достоинствена работа. Измените на ЗРО што предвидуваат дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор, со исклучоци во одредени дејности, ќе се применуваат дури од 2022 година.
Лани ова време предупредувавме дека власта не смее да ги запостави работниците, сиромашните и обесправените, и дека сите економско-социјални политики мора да се носат во договор со синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права, но една година подоцна гледаме дека работите се само полоши. Поради тоа, повторно бараме:
- Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.
- Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.
- Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.
- Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
- Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
- Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
- Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
- Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.
- Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
- Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права. Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.
- Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Независен академски синдикат (НАкС)
Левичарско движење „Солидарност“
Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
Хелсиншки комитет за човекови права