Протест на текстилните работнички и работници во Штип

ноември 11, 2019

Како реакција на барањето на Текстилниот кластер за зголемување на работното време за половина час и други барања кои директно задираат во правата на работниците во текстилната индустрија, на 10 ноември во Штип се одржа протест на текстилните работнички и работници.

На протестот одржан во кругот на фабриката Астибо, работничките оценија дека условите за работа не им се лоши, но се против зголемување на работното време, враќање на нормата и кратење на празниците.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права изјави дека последните четири години има поголема свесност кај работниците за да ги кажат своите проблеми, но и да си ги заштитат правата. Поддршката која Комитетот ја дава заедно со „Гласен Тестилец”  ги смени работите на терен, а работниците се охрабрија. ,,Кај нас сега стигнуваат многу повеќе барања и претставки, пријавуваат кога им се прекршени правата. Мислам дека раздвижувањето им е забележително. Меѓутоа таа борба мора да биде уште поенергична од нивна страна. Ние секогаш ќе бидеме тука да им ја дадеме поддршката, но потребно е и тие самите таа битка да ја извојуваат и да бидат многу погласни’’- рече Пировска.

Во таа насока, Пировска посочи дека бројот на претставките од страна на работниците за кршење на работничките права е зголемен за 100 отсто во споредба од пред четири години, а Државниот инспекторат за труд многу повеќе работи на терен и постапува по претставките.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец” изрази задоволство што работничките излегоа на протест, и покрај тоа што се уште постои страв кај дел од нив- ,,Време е и работниците да се појават да го кренат својот глас и конечно да кажат дека условите во коишто работат, платата што ја земаат не соодвествува на нивниот труд. Триесет години беа робови, лоши услови за работа, со ниски плати, а наспроти тоа работодавачите бараат уште поголем скратување на нивните права. Денеска се собраа и еве да кажеме: Стоп за нивните барања и да почнат повеќе да го ценат работникот и да им ја платат платат којашто ја заработуваат’’ – изјави Ампева.

2