Прославуваме 8 години од ЛГБТИ Центарот за поддршка
октомври 27, 2020
По повод одбележувањето на 8-годишнината од ЛГБТИ Центарот за поддршка, денеска, во социјалниот простор „Комитет“, се одржа средба помеѓу амбасадорот Дејвид Гир и активистите што се борат за правата на ЛГБТИ+ заедницата во земјата, обединети во Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија (НМХТ).
Заедничката средба отвори можност за дискусија на важните теми на денешницата, како за донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и процесот на интеграција во ЕУ, но и за некои достигнувања преку напорната работа во минатото.
Амбасадорот Гир ја истакна важноста на Законот за антидискриминација што треба да се донесе, но и на Комисијата за заштита од дискриминација што треба да резултира со назначување професионалци кои ефикасно ќе ја подигнат свеста и ќе ги заштитат сите граѓани од дискриминација. Понудена беше ЕУ помош на властите и на граѓанските организации во подобрување на правната рамка и практиките кон ЛГБТИ луѓето. Сепак, во наредниот период, поголемите и здружени напори ќе бидат од клучно значење за значително да се подобри почитувањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето.
Изминатите години беа предизвикувачки за ЛГБТИ организациите и активистите, но мотивацијата за еднаквост е посилна од кога било. Она што е навистина важно во претстојниот период за земјата, во поглед на процесот на интеграција во ЕУ, е усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ што вклучува унапредување на ЛГБТИ правата во земјата. НМХТ со своите членки очекува да биде активен учесник во текот на овој важен процес и да работи заедно со другите засегнати страни кон општество без дискриминација и со еднакви можности за сите граѓани.
Во процесот на промовирање и борба за правата на ЛГБТИ заедницата, посебно се важни силните сојузници и поддршката, особено какви што имавме со претходното Собрание преку Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ. Оваа група беше една од најактивните и најуспешните групи во Собранието во последните неколку години и ние посветено работиме за повторно да ја формираме Групата во рамките на новиот состав на Собранието.
Во последните неколку години подобривме дел од законската рамка, но, за жал, доживеавме и процеси во кои правата на ЛГБТИ не беа високо на политичката агенда и останаа да чекаат подобри времиња. Донесен беше Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој за првпат обезбеди заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но, исто така, се соочивме и со негово укинување. Доживеавме слаба имплементација на Кривичниот законик во заштитата од злосторства од омраза засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, неказнивост за говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето и недостиг на низа законски решенија што соодветно ќе ги адресираат проблемите и потребите на оваа заедница.
И покрај сите овие предизвици, активистите и заедницата продолжуваат да работат секојдневно за подобрување на состојбата со правата на ЛГБТИ во земјата и животот на луѓето од заедницата. Средбата е добар прв чекор за соработка и заеднички напори во она што останува пред нас, обединета борба за еднаквост на сите.
Средбата ја водеа претставници од ЛГБТИ Центарот за поддршка, вклучително и Програмскиот директор, Кочо Андоновски; координаторката на Програмата за застапување, Јована Јовановска Кануркова; менаџерката на Сигурната куќа, Зорица Николовска; како и извршната директорка, Уранија Пировска. На состанокот присуствуваа претставници од партнерските организации од НМХТ – Ирена Цветковиќ и Елена Петровска од „Коалиција Маргини“ и Антонио Михајловски од „Субверзивен фронт“.