Пријавени повреди на работничките права во чевларска фабрика во Куманово
До Хелсиншкиот комитет пристига пријава за повреда на работнички права во чевларска фабрика во Куманово. Според кажувањата на вработните работодавачот не им издавал месечни писмени пресметки за плати, па тие не се во можност да ја видат месечната пресметка на својата плата ниту плаќањето на придонесите. Согласно Законот за работни односи работодавачот е должен да им издаде на работниците при секое исплаќање на платата како и до 31 јануари на новата календарска година писмена пресметка на платата, придонесите на платата и надоместоците на платата за платниот период, односно за изминатата година од кои, исто така, се гледаат пресметката и плаќањето на даноците и придонесите.
Хелсиншкиот комитет за овој случај поднесе барање за вонреден инспекциски надзор во кое побара Државниот инспекторат за труд да испита дали работодавачот во споменатата фабрика врши месечни пресметки на плати, им издава месечни пресметки на плата на вработените, им издава годишни пресметки на плати на вработените.
Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го мониторира овој случај и да следи какво решение ќе донесе Државниот инспекторат на труд и дали работодавачот ќе постапи по истото.