мај 18, 2023

Презентација на Извештајот за самоевалуација на човековата димензија во Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ

На 18 мај се одржа презентација на клучните наоди од Извештајот за самоевалуација на човековата димензија во Северна Македонија во контекст на претседавањето на земјата со ОБСЕ. Во воведното обраќање, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека станува збор за еден вид традиција – граѓанските организации да прават паралелен извештај за време на претседавањето со ОБСЕ на нивните држави.

„Вообичаено е тоа да го прават Хелсиншките комитети во земјите членки на ОБСЕ со оглед на природната алијанса што постои помеѓу Хелсиншките комитети и ОБСЕ, бидејќи тие се формирани врз основа на акт на ОБСЕ, познатиот Хелксиншкиот завршен акт донесен во 1975 година, во кој се прецизирани трите темелни области на кои се фокусира ОБСЕ, а тоа се безбедносната, економската и човечката димензија. Оттука, на почетокот на претседавањето на нашата земја ни пристапи граѓанската платформа „Solidarity platform“, мрежа на организации која всушност го претставува гласот на граѓанскиот сектор во ОБСЕ, кои се здружени со цел да влијаат директно преку ОБСЕ на своите влади по однос на политиките во врска со човековите права“, рече Пировска.

„Не случајно ги избравме овие области бидејќи ги сметаме за најпроблематични и работевме во партнерство помеѓу Хелсиншкиот комитет, Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика. На првичната презентација на Извештајот, во Полска беше донесена Декларација во која се предвидува дека за време на претседавањето со ОБСЕ, Република Северна Македонија ќе назначи и специјални претставници за граѓанскиот сектор и за млади, кои треба да ги застапуваат оние теми за кои и ние се застапуваме“, рече Пировска.

Извештајот ќе биде презентиран на конференцијата што ќе се одржува паралелно со министерскиот состанок со кој ќе се означи крајот на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници ги претстави наодите од областа на слободата на изразување и слободата на здружување. Ирена Здравкова од истото здружение презентираше резултати од истражувањата во областа на заштитата на жртвите на трговијата со луѓе. Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика  опфати две поглавја од извештајот – политичкиот систем и состојбата со правата на националните малцинства. Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет говореше за појавите на нетолеранција и говорот на омраза, а Наташа Петковска зборуваше за делата од омраза и трендот на зголемување на злосторствата од омраза. Во поглавјето за родовата еднаквост се задржа на родовата дискриминација и родово базираното насилство.