Претставници на граѓанскиот сектор во регионот на средба со Државниот секретар на САД, Џон Кери

декември 10, 2015

Платформата за граѓанска солидарност, мрежа од независни невладини организации од регионот во кој делува ОБСЕ, на 1 и 2 декември во Белград, организираше Паралелна конференција на граѓанското општество.

Паралелната конференција се одржа во пресрет на состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ. Учествуваа повеќе од 70 претставници на граѓанскиот сектор, од повеќе од 25 земји од регионот и многу говорници и набљудувачи од политички тела на ОБСЕ, институции и земјите учеснички на конференцијата. Главните теми на оваа средба беа слобода на изразување, миграција, тортура и бранители на човекови права.

Препораките кои произлегоа од конференцијата, вклучувајќи ги и Препоракитена граѓанското општество до учесниците на состанокот на Министерскиот совет и “Белградската Декларација: Слобода на изразување под закана: силен одговор од ОБСЕ и неговите земји членки е клучен”, беа предадени од страна на претставниците на Платформата за граѓанска солидарност на раководството на ОБСЕ / ОДИХР на завршната сесија.

Учесник на конференцијата беше извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, која заедно со неколкумина претставници на граѓански организации остварија средба со Државниот секретар на Америка, Џон Кери и имаа можност со него да разговараат за состојбите со човековите права во нивните земји.