декември 9, 2015

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 30.11- 6.12.2015 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 23.11- 29.11.2015 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Поради работата за проширување на кампот, во поголем дел од времето нема електрична струја во кампот.

Во почетокот на неделата, кампот го посетил Народниот правобранител на Република Македонија, заедно со Народен правобранител од Австрија и претставник од Комесаријатот за бегалци на Обединетите нации.

Институционално постапување

Пропуштањето на бегалците кон граничниот премин Табановце се одвива исклучиво со воз, а не се пропуштаа бегалци со автобуси и такси возила. Вагоните секогаш се пренатрупани, a патниците речиси секогаш стојат или седат на подот од возот.

Бегалците кои не потекнуваат од Сирија, Авганистан и Ирак, организирано и со транспортни возила се пренесуваа назад до грчката граница.

Во одредени моменти се случува поголема група на бегалци да се задржат подолго време во просторот пред кампот, каде што во групи чекаат да бидат пропуштени во кампот. Во тој простор, бегалците чекаат под отворено небо, се греат единствено на логорски оган, а немаат ни простор за вршење на основните физиолошки потреби.

Се апелира до службите на терен, пропуштањето на бегалците во кампот да се одвива на организиран и координиран начин со што би се забрзал процесот на пропуштање на бегалците во кампот и тие помалку би се задржувале во просторот пред кампот. 

Протести се организираа на грчката страна од границата од страна на таканаречените „економски мигранти“ со потекло најчесто од Иран, Бангладеш, Мароко и други земји, кои го изразуваат својот револт зошто не се пропуштаат. Поголеми групи од нив, ја блокираат капијата на жичената ограда преку која се пропуштаат бегалците, така што е оневозможено пропуштањето на бегалците во целост. Грчката полиција е присутна во голем број, и во неколку наврати, со употреба на солзавец и спреј се обиде да ги растргне бегалците од капијата, со цел да ги пропушти бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак. Во текот на денот кампот беше целосно празен, а капијата беше отворена дури попладнето.

Постојат наводи дека бегалците од грчката страна се обидувале да ја исечат и преминат жичената ограда, при што биле спречени од македонската полиција и вратени на грчката територија. Информациите за вакви инциденти не се потврдени.

Во недела на 06.12.2015, во кампот настанала физичка пресметка меѓу две групи на бегалци од Авганистан која брзо беше разрешена од страна на полицијата.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Интензивно се работи на проширување на кампот. Кон средината на неделата, кампот го посети министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

На координативните средби кои се одржуваат еднаш неделно, беше потенцирана потребата од задолжително носење на пропусниците, како и беџови (ознаки) на присутните на терен.

Институционално постапување

Во текот на неделата, приливот на бегалци беше различен во различни периоди со оглед на редуцираното пропуштање на бегалците од грчката страна. Се зголемува бројот на таканаречените „економски мигранти“ кои потекнуваат од земји различни од Сирија, Авганистан и Ирак, а кои доаѓаат од Гевгелија пеш. Во кампот во Табановце пристигнуваат истоштени, со рани по нозете и во лоша здравствена состојба. Бројот на вакви групи секојдневно сè зголемува, а се зголемуваат и информациите дека повторно се разработени криумчарските групи кои им ветуваат на бегалците дека ќе ги пренесат по илегални патишта. Тие се задржуваат во кампот додека се добијат информации како ќе се постапува со нив понатаму.

Значително се зголемуваат пријавите на дела од омраза манифестирани преку разбојништва на бегалците кои пешки се движат на патот од Гевгелија кон Табановце. Имено, во неколку наврати, во околината на Гевгелија се нападнати групи на бегалци од страна на вооружени групи кои се претставуваат како полициски службеници. Бегалците биле физички малтретирани и им биле одземени сите парични средства.

Се апелира до полициските служби ваквите пријави детално да ги истражат и соодветно да постапат по нив, со цел да се спречат ваквите инциденти во иднина, сторителите да бидат соодветно казнети и да се заштити безбедноста на бегалците кои транзитираат низ земјата.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Документи