Позитивен епилог на пријава за прекршени работнички права
Во насока на охрабрување на текстилните работнички и работници да пријавуваат случаи на прекршување на нивните права, Хелсиншкиот комитет го истакнува случајот со фабриката ХАТЕКС ДОО од Ресен, како позитивен пример на промена на однесувањето на работодавачот по извршените инспекциски надзори.
Во текот на август 2018, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за вонреден инспекциски надзор против оваа текстилна фабрика од Ресен, во кое од Државниот инспекторат за труд се побара да утврди дали има неплатена и непријавена прекувремена работа во конфекцијата. Инспекторатот изврши надзор, ја утврди ваквата состојба и го задолжи работодавачот во рок од 30 дена од доставата на решението да им ја исплати прекувремената работа на 170 вработени во фабриката.Со цел да се провери дали работодавачот постапил соодветно, Хелсиншкиот комитет упати дополнително барање за контролен надзор. При вршењето на контролниот надзор,Инспекторатот утврдил дека работавачот постапил по наредбата.
Хелсиншкиот комитет ги повикува граѓаните редовно да пријавуваат неплатена прекувремена работа и други прекршувања на законот, како прв чекор кон подобрување на состојбите со почитувањето и заштитата на работничките права.