Реакција за притворањето на активистката Моника Ристовска
октомври 10, 2018
Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека одредениот 30-дневен притвор на активистката Моника Ристовска, позната како Моника Конопова, не е неопходен за водење на кривичната постапка и препорачува други видови на мерки на претпазливост заради обезбедување на присуство во постапката за сторено кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори’’ – според член 215 од Кривичниот Законик.
Хелсиншкиот комитет, како и во многу наврати претходно, препорачува мерката притвор да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни случаи, а не како репресивен механизам.
Во оваа прилика потсетуваме и на неприфатливата селективност при одредување мерка притвор од страна на надлежните органи, особено во случаи на корупција и организиран криминал.
Исто така, следејќи го светскиот тренд за декриминализација и легализација на употребата на канабисот, ја повикуваме Владата сериозно да ги земе предвид иницијативите за подготовка на нови законски решенија во оваа област.