Повик за изработка на три видеа од областа на работничките права

декември 4, 2020

 

Општи информации

Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија“,[1] финансиран од Фондот за добро владеење на Владата на Обединетото Кралство и во рамките на проектот „Поддршка на работниците за време на Ковид-19 кризата“,[2] финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, објавува повик за изработка на три видеа од областа на работничките права.

За таа цел, Хелсиншкиот комитет има потреба од ангажирање надворешен соработник (физичко или правно лице) што ќе изработи три видеа од областа на работничките права.

 

Теми на видеата кои треба да бидат опфатени

Видеата особено треба да ја обработуваат ситуацијата со работничките права за време на COVID-19 кризата и носењето на новиот Закон за работните односи.

Темите на трите видеа во областа на работничките права ќе бидат договорени во согласност со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

Избор на експерт

На овој повик имаат право да учествуваат сите физички (индивидуално или во тим) и правни лица што ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Искуство од најмалку 2 години во изработка на креативни видеа, образовни и информативни видеа, мултимедијални приказни и/или видео вести;
  • Искуство од најмалку 2 години во изработување новински статии и/или истражувачки приказни.

Искуството се докажува по пат на приложено портфолио со илустративни видеа кои се сработени од страна на апликантот во претходниот период.

 

Работни задачи:

  • Истражување на темата на конкретното видео, зададена од проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права;
  • Подготовка на сценарио за изработка на видеата;
  • Понуда на креативно решение за изработка на видеата;
  • Снимање/дигитална изработка на видеата;
  • Постојана координација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

Спроведување на активностите

Времетраењето на ангажманот започнува од декември 2020 година по склучување на договорот со ангажираното лице и ќе трае до 31.03.2021 година.

Првото видео треба да биде финализирано најдоцна до 31 декември 2020 година, додека сите три видеа треба да бидат изготвени заклучно со март, 2021 година.

Хелсиншкиот комитет ќе потпише договор со надворешниот соработник каде што ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски. Исплатата на надоместокот ќе се врши директно на ангажираното лице. Износот на надоместокот останува ист без разлика дали кандидатот се пријавува сам или во тим.

 

Етички напомени

Експертот се обврзува коректно да ги наведува изворите на податоците што ќе бидат содржина на видеата. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го раскине склучениот договор и ќе бара поврат на уплатените средства.

 

Начин на пријавување

За пријавување на овој повик кандидатите треба да достават:

  • професионална биографија (CV). Доколку заедно се пријавуваат повеќе од еден кандидат, потребно е да се достави персонална биографија за секој посебно. Индивидуалните биографии не треба да надминуваат две страници (А4 формат);
  • портфолио со најмалку 10 претходно изработени видеа; и
  • финансиска понуда за изработка на видеата.

 

Документите за пријавување задолжително да се достават на имејл адресите natasha.petkovska@mhc.org.mk и vildan.drpljanin@mhc.org.mk најдоцна до 11.12.2020 година со назнака „Изработка на видеа од областа на работничките права“. По доставување на пријавите, тимот на Хелсиншкиот комитет ќе ги оценува во неколку чекори: проверка дали се доставени потребните документи и портфолиото; евалуација на персоналните биографии и евалуација на портфолиото.

За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведените имејл адреси, како и на телефонските броеви +389 77 907 536 (Наташа Петковска) и +389 71 594 553 (Вилдан Дрпљанин).

Ово повик може да се преземе во пдф формат подолу.

 

 

……………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………………

[1] Целта на проектот е да се зголеми продуктивноста на работниците во Македонија преку подобрување на законската рамка за работните односи. Проектот обезбедува правни анализи кои од една страна нудат сеопфатен преглед на сегашната состојба, а од друга страна даваат препораки за унапредување на законската рамка во согласност со меѓународните стандарди. Проектниот тим исто така врши мониторинг на инспекцискиот надзор и постојано ја информира јавноста за состојбата со работничките права со што активно придонесува кон кревањето на јавната свест за пристапот до услуги за заштита на работничките права. Проектот непрекинато обезбедува и правна помош за жртвите на прекршување на работничките права со цел да се подобри пристапот до правда на работниците.

[2] Целта на проектот е обезбедување бесплатна правна помош за соодветна заштита на работничките права на најранливите работници од формалната и неформалната економија за време на Ковид-19 кризата, меѓу кои и оние што останаа без работа поради кризата, работниците со ниски примања и работниците што работат во ризични услови за време на кризата. Проектниот тим, покрај бесплатна правна помош, дава и административна поддршка и ги информира работниците за постоењето и начинот на остварување на владините антикризни мерки за помош. Крајната цел на проектот е да ја зајакне информираноста на работниците за нивните работнички права и користењето на заштитните механизми во случај на нивно прекршување, што ќе доведе до зголемување на пријавите и охрабрување на работниците за учество во процесите за носење политики.