декември 2, 2020

Меѓународен ден на лицата со попреченост: Градење подобар свет по Ковид – 19

Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Годинава во фокус е градењето на подобар свет за лицата со попреченост, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив за време и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот. Лицата со попреченост во целиот свет, но и во нашата земја, сè уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството, кои се диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата.

Според претпоставките на Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација се соочува со некаков вид на попреченост. Попреченоста е дел од секојдневието, имајќи предвид дека секој човек, во некој период од својот живот, ќе се најде во ситуација на времена или трајна состојба на попреченост.

Пандемијата на Ковид – 19 наметна сериозна закана по здравјето и животот на луѓето во целиот свет. Лицата со попреченост генерално се наоѓаат во поголем ризик од здравствени проблеми од останатата популација и додека попреченоста сама по себе не предизвикува поголем ризик од вирусот, многу лица со попреченост имаат специфична здравствена состојба, која ја прави болеста многу поопасна за нив. Непристапноста на информациите поврзани со вирусот, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот.

И ден денес ние се уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот. И покрај донесените закони, и покрај заложбите за креирање на инклузивно општество за сите, сè уште значителен дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и други лица кои се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, непристапна инфраструктура, дискриминација во образовниот систем  и на пазарот на труд и многу затворени врати на институциите.

Имајќи предвид дека пандемијата е сè уште присутна и ефектите од нејзиното влијание ќе ги чувствуваме уште многу долго, потребно е да се донесат мерки кои ќе бидат креирани во согласност со потребите на лицата попреченост, со цел да ги намалат негативните ефекти од пандемијата, но и да овозможат понатамошно одржливо функционирање. Потребно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите процеси на креирање на политики, мерки и закони, кои го засегаат нивниот секојдневен живот.

Потребно е да продолжат заложбите за спроведување на процесот на деинституционализација, чија имплементација забави како резултат на пандемијата и да се продолжи со постепеното напуштање на институционалното живеење, но и зајакнување на алтернативните форми на згрижување и развивање на локални сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства. Исто така, потребно е да продолжат заложбите за инклузивно образование, преку прилагодување на наставата според потребите на децата со посебни образовни потреби и обезбедување соодветна поддршка. Голем предизвик за целото општество е и отстранувањето на предрасудите, кои сè уште се присутни кај голем дел од популацијата.

Доколку се обврземе да градиме подобар свет за сите, особено по завршувањето на пандемијата, никако не смееме да ги заборавиме лицата со попреченост. Во таа насока, мора сите заеднички да се заложиме за обезбедување на еднаква вклученост на лицата со попреченост во сите сфери на општествениот живот и создавање на соодветна средина за нивно непречено функционирање и достоинствен живот. Попреченоста не е избор, но инклузијата е.